Едно од најпознатите дела на Хектор Берлиоз (1803 – 1869) е несомнено – „Фантастичната симфонија“. Мене повеќе ми се допаѓа нејзиниот првичен и целосен наслов „Фантастична симфонија: епизода од животот на еден уметник“, но тој толку ретко се користи, што речиси никој не чул за него. А симфонијата навистина опишува епизода(и) од животот на еден иновативен, современ, далековид уметник каков што бил Берлиоз.

„Фантастичната симфонија“ е пионер во многу нешта: таа е една од првите програмски композиции во историјата на музиката; петоставачна е (речиси револуционерно било напуштањето на класичната четириставачна форма); оркестрирана е на необичен начин – во неа првпат прозвучуваат две туби, две харфи, удвоени тимпани; кај гудачите премиерно е употребено свирењето „кол лењо“ (свирење со прачката на гудалото наместо со струните, техника што подоцна е радо користена, тогаш изгледала по малку пагански). Берлиоз ја напишал по невозвратената љубов кон актерката Хериет Смитсон, во која се вљубил на прв поглед. Опсесивно ѝ пишувал, копнеел по неа, но таа не одговорила на ниедно од неговите писма. Разочаран, целиот свој фокус, сето свое внимание и сите чувства ги насочил кон компонирањето.

Целата симфонија се врти околу една „фикс идеја“, како што ја нарекол Берлиоз – повторувачка тема што ги опишува растечкиот копнеж и паѓањето во очај, постојаното талкање низ чувствата кон недостижната жена. Првиот став е сон, вториот бал на кој погледот постојано ја бара саканата, третиот став е сцена од природата. Во четвртиот став се случува драматичен пресврт – убеден дека љубовта засекогаш ќе остане само илузија, уметникот се труе со опиум. Но не умира, туку запаѓа во делиричен и халуциноген сон во кој ја убива саканата, бидува осуден и сведочи на сопственото погубување. Во петтиот став на собирот на вештерките, кои, како во транс, танцуваат и пеат, љубената се претвора во курва и се фрла во пеколот.

Иако „Фантастичната симфонија“ својата праизведба ја имала во 1830 година, Хериет Смитсон дури две години подоцна сфатила дека таа е недостижната сакана, недопрениот копнеж на Берлиоз. Тогаш конечно се сретнале, меѓу нив пламнала силна и страсна љубов и тие набргу се венчале. Да биле ликови во некој љубовен филм, би останале засекогаш заедно. Но нивната страст и опсесија спласнале и тие се развеле по 7 години. Само музиката останала како споменик на една љубов и истовремено веќе речиси два века предизвик за сите големи оркестри и диригенти. Грандиозната, фантастичната „Фантастична“.

(Вечерва Македонската филхармонија со маестро Јерухам Шаровски од Израел ја отвора новата концертна сезона со оваа прекрасна симфонија)

Лада Шоптрајанова Петровска