Еуролинк осигурување и оваа година продолжува со уште една балетска приказна. Компанијата и оваа година објавува оглас за прием на нови 50 девојчиња и момчиња кои во летниот период ќе ја следат наставата под менторство на Горан Божинов, педагог и првенец во Македонската опера и балет. Огласот важи за дечиња на возраст од 7 до 12 години.

Еуролинк балетската школа досега успешно воведе 210 деца во техниките на класичниот балет, а за некои од нив балетот стана нивна професионална определба и веќе ја посетуваат редовната настава во Државниот музички балетски училишен центар.

Летната балетска школа ќе трае три недели, а учесниците ќе бидат поделени во две групи, според возраста и претходното искуство. Часовите започнуваат од 19.6.2019 година и ќе траат до 10.7.2019 година. Тие ќе се одржуваат во просториите на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“

Селекцијата на пријавените кандидати ќе ја врши проф. Горан Божинов.

Активноста е дел од платформата за Корпоративна општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“, која годишно реализира повеќе активности од областа на културата, уметноста и образованието во Република Македонија.