Во рамките на културната манифестација „Гимназијада“, којашто ќе се одржува од 12 април до 11 мај, во „Салонот 19,19“, ќе се одржат осум претстави, а во реализацијата ќе учествуваат ученици од средните училишта, кои заедно со своите ментори-професори, во рамките на проектните активности, подготвуваат претстави по сопствено сценарио, режија, сценографија, костимографија, сценско движење, актерска игра и музика.

– Идејата за проектот „Гимназијада“ произлезе потикната од разговорите со многу талентирани средношколци кои редовно ги следат драмските претстави во Салон 19,19.

Имаа голема желба да излезат надвор од училишните рамки за да ги презентираат своите уметнички остварувања на професионални театарски даски и сцена која е отворена за поширок круг публика. Помогнавме, ценејќи дека учеството во ваква манифестација кај младите ќе побуди поголем интерес и сатисфакција да го искористат слободното време за уметничко изразување. На истата сцена ќе се сретнат и со остварувања на врсници од другите училишта, надвор од училишните стеги каде трудот се оценува со аплаузи, а не со бројки.

Манифестацијата ги оствари и надмина сите наши замисли, очекувања и цели. Донесе освежување на културната сцена во градот, веќе е препознатлива, со нетрпение очекувана и нешто што е најважно – добивме база од која се трасира животниот пат на многу талентирани млади луѓе (досега оваа манифестација имаше 610 учесници), а веќе од 2013 година, првите учесници ги земаа и дипломите од уметничките факултети. Тие активно учествуваат во културниот живот на Македонија, а неколку од нив постигнаа успех и надвор од нашите граници – велат организаторите.

Манифестацијата досега ја имаат проследено околу 6.550 гледачи и за секоја претстава се бара карта-повеќе.

Годинава „Гимназијадата“ ќе се одржи по осми пат, а во креирањето и изведувањето на програмата учествуваат окулу 100 ученици.