Драмската секција на средното училиште „Јосип Броз Тито” утре ќе ја одигра претставата „Кула Вавилонска“ на драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Претставата е според текстот на Горан Стефановски, а младите актери работат под менторство на Емилија Величкова.

Улогите во претставата ќе ги толкуваат Мина Јелушиќ, Ведран Чешарек, Ведрана Петрова, Софија Атанасоска, Ангела Миливоевиќ, Анастасија Ташковска, Јосиф Попов, Лука Алексиќ, Лука Шијаков и Нино Јовановски.

– Среќни сме бидејќи ни се даде можност учествуваме на овој фестивал. Благодарни што во ова време постои фестивал кој ни овозможува да го прикажеме тоа што сме го работеле со месеци, иако како аматери, сепак, како страствени љубители на театарот и млади луѓе, кои се надевам дека еден ден ќе го однесат македонскиот театар чекор понапред. Најголема чест ми е што играме текст на Горан Стефановски. И овој фестивал ни даде мотив да бидеме што поупорни и што повеќе да се избориме за драмската секција во нашето училиште, да биде вреднувана како и другите секции, и да оставиме нешто за следните генерации да можат да си го искажат своето мислење, право и да се вреднува нивниот талент – вели Мина Јелушиќ која го толкува главниот лик во претставата Рина.

Режисерката на претставата, Ангела Миливоевиќ, вели дека работата била напорна, но оти причинува големо задоволство. 

– Колку и да беа напорни овие неколку месеци и ми го одземаа целото време, тие воедно беа и едни од најубавите и највозбудливите, кои ми причинуваа големо задоволство, работејќи на претстава на Горан Стефановски заедно со овие ентузијасти, со кои успеавме да ги поминеме сите препреки и да ја исполниме нашата цел – истакна Ангела Миливоевиќ, режисерка на претставата.