Управата за заштита на културното наследство укажа дека во земјава лани се реализирани 15 од 19-те активности, како и четири меѓународни

Во рамките на програмата ,,Европска година на културното наследство 2018“, која лани се спроведуваше под слоганот ,,Нашето наследство – европска вредност!“ и мотото ,,Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“, според Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија во земјава се реализирани 15 од 19-те активности, како и четири меѓународни.

Европската година на културното наследство беше прогласена од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ за да го промовира наследството и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредностите, при што беа покриени четири клучни теми: вклученост, одржливост, зачувување и иновација, преку кои во земјите-членки на Унијата во 2018 година беа спроведени повеќе од 11.500 настани и проекти на европско, национално, регионално и локално ниво, инволвирајќи 6,2 милиони жители на ЕУ, особено деца и млади, за зајакнување на нивното знаење за културното наследство, но и за припадноста во поширокото европско семејство.

– Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија и немаше обврска да ја спроведе одлуката на европските институции за спроведување на оваа целогодишна манифестација, сепак Управата за заштита на културното наследство го препозна значењето на дадените рамковни теми на годината, кои се блиски и до нејзините заложби – укажуваат од оваа институција чии стручни лица изработија национална програма на активности со кои државава им се приклучи на земјите-членки на ЕУ во прославувањето на вредностите и на македонското културно наследство како дел од европското.

Во кампањата беа вклучени проекти и активности за популаризација на нашето и европското културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за децата и младите, стручни настани (работилници, обуки) за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници. Беа дизајнирани посебни промотивни материјали, а Управата лансира и свој хаштаг #MacedoniaForCulture со кој на социјалните мрежи можеше да се споделуваат искуства и приказни поврзани со македонското културно наследство.

– „Европската година на културното наследство 2018“ ја нагласи вредноста на културното наследство за општеството, неговиот придонес кон економијата, неговото значење за односите на ЕУ со остатокот од светот (културна дипломатија) и значењето на зачувувањето на културното наследство за идните генерации – истакнуваат од Управата, информирајќи наедно дека на затворањето на оваа иницијатива во Виена, Австрија, беше презентиран акциски план за културно наследство, настанат како резултат од сите активности реализирани лани. Главна негова цел е воспоставување заедничка насока за активности во областа на културното наследство на европско ниво, главно во однос на европските политики и програми.

Акцискиот план треба да им послужи како инспирација на регионите и градовите во Европа и на организациите и мрежите при креирање на сопствените активности, а земјите-членки ќе бидат поканети да креираат слични акциски планови за културното наследство.