Реакција

Иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ на „Јадро“, асоцијација на независната културна сцена, и Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) реагира по донесувањето на уредбата за финансиска поддршка на уметници и други физички лица што самостојно вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредната состојба. Иницијативата се однесуваше на последното барање, односно финансиска поддршка за април и мај, во месечен нето-износ од 14.500 денари.

– Повеќето наши барања за итно надминување на кризата со коронавирусот се прифатени на наше задоволство, но, за жал, уредбата не ги содржи нашите барања да се вклучат во поддршката и вработени во правно лице, кое е регистрирано за вршење дејност од областа на културата, а тие лица не се опфатени со оваа, а и во ниедна друга мерка и уредба. Исто така, критериумите за добивање средства се уредени според Министерството за култура и не ги содржат сите наши сугестии – велат поднесувачите на иницијативата и апелираат навремена имплементација и ефективност на институциите во реализирање на договорените мерки и предлози.

Меѓу тие барањата и предлози за надминување на оваа состојба е и формирање фонд за доделување субвенции како месечни надоместоци за припадниците на домашната вонинституционална културна сцена, погодени од кризата со коронавирусот. Фондот да опфати средства за исплата на месечни надоместоци за период од шест месеци, почнувајќи од март 2020 година, во износ од просечна бруто-плата за вработените во правните лица и ТП самостојни уметници влезени во системот на бенефиции на Министерство за култура, и износ од просечна нето-плата за невработените хонорарно ангажирани уметници и културни работници, кој ќе го покрие персоналниот данок на доход.

Потоа итна и неодложна исплата на средствата доделени за финансирање проекти од 2019 година од Министерството за култура и единиците на локалната самоуправа, итно потпишување договори за финансирање проекти поддржани во 2020 година помеѓу Министерството за култура, Град Скопје, другите единици на локалната самоуправа и корисниците, приспособување на планот и роковите за нивна реализација во согласност со состојбите на терен, префрлање на 70 отсто од доделените средства по потпишување договор и признавање на досега направените трошоци за организирање на програмата, и покрај откажувањата или доцнењата во нивната имплементација (на пр. откажани авионски билети, трошоци за тековно работење и слично).

– Уредбата е реформирана без наше знаење и не ги содржи вработените во граѓанскиот сектор во културата, туку само невработените. Во однос на овие барања, Град Скопје ја разви програмата „Култура во време на корона“, преку која поддржа дел од локалните автори што учествуваа во програмата, со финансиски надомест од 14.500 ден. Министерството за култура изјави дека веднаш ќе ги исплати сите неисплатени рати од реализираните проекти од 2019 година за оние корисници што доставиле наративен и финансиски извештај. Министерството изјави дека буџетот на Министерството за култура е скратен по барање на Владата, но дека нема кратење во делот за поддршката на доделени средства по проекти поддржани во 2020 година. Заклучно со 24 март, пратени се сите решенија од сите дејности до корисниците на средства, по што ќе следува достава и потпишување на договорите, но поради намалениот обем на вработени што одат секојдневно на работа, процесот може да биде побавен, но ќе се реализира.

По потпишувањето на договорите, оние што веќе имаат направено трошоци по одобрени проекти може да достават финансиски извештај и истите тие да им се исплатат веднаш. Оние што имаат потреба од користење на средствата за други трошоци наведени во пријавата, но различни од оние што се наброени од комисијата, по потпишувањето на договорот да достават барање за пренамена, кое ќе биде направено како анекс договор. Оние што имаат потреба од временска реалокација на поддржаните проекти и нови начини на реализација на програмата во нив како резултат на кризата од коронавирусот, може да го направат тоа со допис до Министерството за култура, кој ќе ѝ биде даден на одобрување на комисијата одговорна за дејноста во која е поддржан проектот.

– Министерството нема утврдено процент на прва рата по потпишан договор и доставен оперативен и финансиски план. Барањето на прва рата и нејзиниот износ од вкупно доделените средства го остава на барање на корисникот во согласност со потребите на проектот – велат поднесувачите на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“.