Самостојна изложба на слики на ликовната уметница Емилија Божиновска со наслов „Урбани сензации 2“ ќе биде отворена вечерва, во „НЛБ галеријата“, во 20 часот. За специфичниот ликовен ракопис што го поседува таа, историчарката на уметноста Маја Чанкуловска-Михајловска ќе забележи дека „се базира врз континуираните и секојпат возобновени и продлабочени истражувања на можностите што ги нуди колажот не само како сликарска техника, туку и како подлабока филозофска мисла и процес на создавање“.

– Доколку на формално рамниште ги анализираме дваесетината дела од овој циклус и претходниот „Урбани сензации“ (КИЦ, Скопје, 2014), ќе заклучиме дека Божиновска, како личен печат, ги задржува за нејзиното сликарски-колажно создавање препознатливите елементи како што се: нагласената расчленетост на формите (која се подразбира со нејзината аглеста изворност), милтиплицираноста на фрагментите во различни насоки, движењето и ритамот, кои произлегуваат од спротивностите на бои и форми, со крајна цел за постигнување баланс и хармонија во композициската поставеност – пишува меѓу другото во текстот за изложбата, Чанкуловска-Михајловска.