Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ) ќе ги изведе најдобрите теми на една од најпопуларните групи на сите времиња – „Рејдиохед“, вечерва, во големата сала на Филхармонијата, во 20 часот. Станува збор за маестрален проект под наслов „РејдиохедЏез!“, со уникатна содржина – џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група „Рејдиохед“ – група што од своето постоење до денес изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари во светот, група што донесе прогресивен, иновативен, моќен звук. Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, а тоа првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена.

И овој пат зад диригентскиот пулт со Биг-бендот на ЗЏМ ќе застане врвниот Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни фантастични настапи со овој ансамбл. Со овој проект, ЗЏМ ја проширува својата репертоарска политика, ги проширува естетските хоризонти, ги збогатува својот музички израз и профил насочувајќи се кон една поинаква звучна патека. Проектот „РејдиохедЏез!“, да се изведат теми од современиот алтернативен рок-бенд, и тоа во џез-аранжмани, е навистина силен предизвик за уметниците, но и за публиката, и е оригинална идеја, која ќе донесе иновација на нашата сцена.