Несекојдневната просторна инсталација, која единствено официјално вечерва и ќе може да се види пред објектот да биде урнат, претставува протестна уметничка реакција на начинот на кој, според организаторите, се уништува природното светско наследство во струшкиот регион во последниве неколку години

Заедничкото уметничко дело, кое во просторот на поранешниот кафе-бар „Синема“ во Струга, во изминатите неколку дена, во рамките на фестивалот „ДримОн“ го креираа уметниците: Милко Нестороски, Сали Ертунч, Викторија Попоска, Филип Велковски и Горан Ристовски, ќе биде претставено вечерва пред публиката со почеток во 21 часот. Несекојдневната просторна инсталација, која единствено официјално вечерва и ќе може да се види пред објектот да биде урнат, претставува протестна уметничка реакција на начинот на кој, според организаторите, се уништува природното светско наследство во струшкиот регион во последниве неколку години. Интерес на несекојдневниот, специфичен уметнички процес е токму третманот на ова наследство како на глобално така и на локално рамниште.

При реализација на овој колаборативен проект наречен „Раздримување – колективна игра“ визуелните уметници користеле локални материјали за да интервенираат во специфичниот простор.

Од фестивалот „ДримОн“ укажуваат и дека со овој дел од неговото годинашно издание „Раздримување“, просторот на поранешниот кафе-бар „Синема“ беше окупиран пред фаза на градежно уривање – исчезнување, а уметниците за момент, преку заедничката инсталација ќе се потрудат да испровоцираат, да натераат на размислување, на освестување и на поголема одговорност на одговорните надлежни фактори и личности за ситуацијата во која се наоѓа природното наследство во земјава.