Славните уметници во Риека расправаа за сферите на современата уметност, каде што традиционалните поимања на жанровите и дисциплините се напуштаат во корист на флуидните и хибридни уметнички форми

Германскиот перформанс-уметник Улај, поранешниот партнер на Марина Абрамовиќ, и белгискиот режисер, скулптор и перформер Јан Фабре гостуваат во риечкиот Музеј на модерната и современа уметност, каде што разговараа за редефинирање на рамките на перформансот во 21 век. Во разговорот, со наслов „Преминување на границите: редефинирање на рамките на перформансот во 21 век“, овие истакнати уметници расправаа за сферите на современата уметност, каде што традиционалните поимања на жанровите и дисциплините се напуштаат во корист на флуидните и хибридни уметнички форми.

Улај како уметник се истакнува уште на средината на 1970-тите години со своите радикални и интимни акции и истражувања на телото, со примена на полароидна фотографија, од што настанаа опсежни циклуси на дела што поставија нова врска помеѓу фотографијата и перформансот. Во својата потрага за самоидентификација во 1976 година имаше судбоносна средба со Марина Абрамовиќ. Комплетни како една личност, Улај и Марина ги создадоа познатите „Рилејшн воркс“, во кои ги преиспитуваа врежаните поимања на родот и ја истражуваа флуидноста помеѓу машкиот и женскиот принцип, а истовремено во своите емотивно набиени, долготрајни и интензивни перформанси ги поместија границите на телото.

Улај и Марина беа повеќе од десет години партнери, во животот и во уметноста, а по нивното раскинување во 1988-та, кариерата на Абрамовиќ е во постојан пораст и моментално е веројатно светски најпознатиот перформанс-уметник. Меѓу големиот број уметнички дела што ги имаа додека беа заедно е и нивното „раскинување“. Во 1988 г. двајцата тргнуваат од спротивните краеви на Кинескиот ѕид и се среќаваат на средината, за да си кажат збогум. По ова тие повеќе никогаш не разговараат. Еден од највпечатливите моменти беше перформансот на Абрамовиќ во МоМА од 2010 година, каде што посетителите со часови чекаа во ред за да седнат на маса спроти неа и молчејќи да се гледаат во очи. Еден од оние што чекаа беше и Улај. Посветеноста на Улај на истражувањата и проширувањето на фотографијата како медиум отвори нови хоризонти во уметноста на перформансот, а благодарение на тоа овој уметник пропатува многу предели, и во географска и во експериментална смисла.

Во меѓувреме, кон крајот на 1970-тите, сѐ уште младиот Белгиец Јан Фабре крена прашина со својата уметност. Во перформансот со наслов „Пари“ запали куп пари од публиката за со пепелта да направи цртежи и скулптури. Во наредните години изгради богат опус на иновативни, контроверзни и впечатливи театарски перформанси. Низ древни ритуали и филозофски прашања, Фабре се занимава со теми како насилство, страст, убавина и еротика. Телото во сите свои облици е темел на неговите уметнички истражувања уште од 1980-тите. Во текот на изминатите триесетина години дејствува како театарски продуцент, автор и визуелен уметник. Јан Фабре е познат по ширењето на границите на секој жанр во кој ја применува својата уметничка визија.

Студирал на Општинскиот институт за декоративна уметност и на Кралската академија на применети уметности во Антверпен. Големо внимание на јавноста привлече со снимањето мачки што се фрлани во воздух пред скалите на градското собрание. Заштитниците на животни беа ужасени и уметникот доживеа повеќе физички напади. Негови дела се наоѓаат во колекциите на реномирани светски музеи.