Веб-сајтот „Обзервер“ објави листа на највлијателните уметници и куратори што го променија светот на современата уметност. Тоа се уметниците што се центар на најжестоките уметнички дебати, луѓе што ни даваат причина да зборуваме за уметноста. А секако, секој од овие уметници има потреба од куратори, галеристи и институционални директори што ќе ги постават своите воодушевувачки дела на виделина. Кој се најде на листата на највлијателни личности во светот на уметноста во изминатиот период?

Прв на листата е Џон Акомфра, кој својата популарност од Велика Британија и Европа ја шири кон САД, по неговиот филм „Вертиго си“, претставен на Венециското биенале во 2015 година. Неговата последна изложба „Трансфигјурд најт“ претставува двоканално видео што ја претставува врската помеѓу САД и постколонијалната африканска историја. Њидека Акунили Кросби емигрира од Нигерија во САД на 16-годишна возраст. Нејзината уметност претставува „трет простор каде што повеќе нешта се собираат заедно за да создадат ново нешто“, како што изјави самата за „Лос Анџелес тајмс“. Сесилија Алемани магистрирала на програмата Кураторски науки на Бард-колеџ во Њујорк, а минатата година беше назначена за уметничка директорка на неделна јавна програма на „Арт бејзел ситис: Буенос Аирес“. Мариа Балшо во 2017 година беше назначена за првата жена директорка на музеите и галериите“Тејт“.

Динео Саши Бопапе во 2017 година беше добитник на наградите „шарџа биениал“ и „пинчук фјучр џенерејшн арт“, доделени за време на Венециското биенале, а минатата година нејзината инсталација ја отвори реновираната единбуршка „Колектив галерија“. Тања Бругиера од Куба е позната по тоа што ја активира јавноста преку своите дела и поттикнува учество на самата публика. Во 2015 година Бругиера била уапсена трипати во рок од пет дена поради гласини дека планира да одржи настап сличен на оној од хаванското биенале во 2009 година, каде што на секој учесник му било дадено микрофон и минута слободен говор. Ли Бул од Јужна Кореја е позната по своите мултимедијални проекти, современи скулптури и инсталации и нејзините дела честопати ги истражуваат високотехнолошката иднина и утопијата или дистопијата што ја носи. Таа го претставуваше Корејскиот павилјон на Венециското биенале во 1999 година и е добитничка на наградата „нун“ на 10-то издание на Биеналето во Гвангџу.

Ванеса Карлос е основачка и директорка на лондонската галерија „Карлос/Ишикава“. Во 2016 година преку нејзината колаборативна изложба „Кондо“, Карлос претстави ново гледиште кон конвенционалниот саем на уметноста. Иан Ченг стои зад проектот Б.О.Б (Вреќа верувања), кој најлесно може да се опише како шест суштества со вештачка интелигенција чие однесување зависи од интеракциите со посетителите на лондонската галерија „Серпентин“. Елизабет Ди, ветеран уметнички дилер, ја отвори својата галерија во 2001 година и сега претставува 10 уметници, меѓу кои се и Џон Џорно, Филипе Декрозат и Џулија Вактел. Во 2009 година, Елизабет Ди го кооснова саемот на уметноста „Независен Њујорк“.

Сао Веи веројатно е најпозната по својот видеопроект од 2006 година „Чија утопија“, а во 2016 година таа дебитира со своето прво американско шоу во „МоМА“ во Њујорк – мултимедијална ретроспектива на нејзиното творештво составено од скулптура, видео, фотографија и инсталација. Минатата година нејзина изложба беше поставена и во Германија. Коко Фуско, кубанско-американскиот интердисциплинарен уметник, повеќе од три децении користи перформанс и видео за да постави прашања поврзани со расата, идентитетот, политичката моќ и контрола. Тистер Гејтс ги претвора урбанистичките реновирања во уметнички дела. Во 2018 година, тој беше лауреат на наградата „нашер“ за скулптура и е првиот Американец што го добива ова признание, кое доаѓа со хонорар од 100.000 долари.

Телма Голден е позната по тоа што поставува контроверзни изложби поврзани со расата и американските политики на идентитет. Таа е директорка на „Студио музеј“ во Харлем и е првата црномурна кураторка во музејот „Витни“. Антеа Хамилтон работи со повеќе медиуми, исполнувајќи големи простории со необични поставки, кои вклучуваат длабоко познавање од историјата, како и досетливо вреднување на поп-културата. Лубаина Хумид е позната по своите дела што се занимаваат со темите на расата, полот и институционалната пристрасност во постколонијална Британија. Таа е добитничка на најпрестижната уметничка награда „тарнер“ и е првата црна, наедно и најстара добитничка на оваа награда, на 63-годишна возраст. Руба Катриб стана кураторка на Њујоршкиот центар за скулптура во 2012 година, а неодамна стана и кураторка во „МоМА“. Галеристката Прл Лам претставува вистински титан на денешната азиска уметничка сцена, а лани првпат се појави на американскиот маркет со нејзиното „Армори шоу“. Лам започна со креирање на попап-галерии низ Хонгконг уште во 1990-тите, а потоа го отвори својот прв простор во Шангај во 2006 година.

Денес нејзината галериска империја се шири до Сингапур. Адриен Пајпер не само што е позната концептуална уметница туку е и филозоф од Харвард. Во 2015 година таа станува добитничка на „златен лав“ за најдобар уметник на Венециското биенале, а минатата година се врати во „МоМА“, со колекцијата „Синтеза на институции, 1965-2016“, која претставува збир од 300 нејзини дела, цртежи, фотографии и видеа. Мајкл Раковиц е концептуален уметник со американско и ирачко потекло, кој рекреира џиновски ламасу – античка асириска чувар-фигура, користејќи конзерви од сируп од урми, како дел од неговиот тековен серијал „Невидливиот непријател не смее да постои“. Користењето конзерви од сируп од урми е симболично – урмите се втор најизвезуван производ од Ирак. Диана Тартер посветила три декади на иновативниот филм, видео и инсталациска уметност, со фокус на врската помеѓу човекот и природата. Минатата година „Гугенхајм Билбао“ ја претстави нејзината видеоинсталација „Ранавеј ворлд“, на која Тартер работела во Кенија, во периодот 2016-2017 година. Волфганг Тилманс не само што е првиот фотограф туку е и првиот небританец добитник на наградата „тарнер“ за визуелна уметност. Преостанатиот дел од долгата листа ги вклучува и не помалку значајните: А.А. Бронсон, Кимберли Дру, Тоуриа Ел Гаоуи, Андреа Фрејзер, Роузи Ли Голдберг, Беатриз Гонзалес, Мариен Гудман, Џоан Џонас, Сања Кантаровски, Сунгџунг Ким, Хосе Кури и Моника Манзуто од „Куриманзуто“, Зои Ленард, Николас и Алекс Логсдејл од „Лисон Галери“, Кортни Мартин, Харун Мирза, Хелен Молсворт, Питер Наги и Апархита Жаин од „Натуре морте“, Ханс Улрих Обрист, Тревор Паглен, Шарџа Хур Ал Касими, Ралф Ругоф, Дана Шутз, Ејми Шералд, Хито Стејерл, Нато Томпсон, Дан Во, Кара Вокер, Симон Вача и Кеинде Вајли.