Теа Беговска, иницијаторка на „Стрм енд дранг“

Првото издание на онлајн интернационалниот театарски фестивал „Стрм енд дранг“, кое заврши вчера, претстави над 70 артисти во различни уметнички области. Публиката погледна 11 театарски продукции во интернационална и во студентска програма од Србија, Бугарија, Црна Гора, Романија, Словенија, Словачка, Италија, Франција, Австрија и од Англија. Теа Беговска е иницијаторка и организаторка на фестивалот.

На што точно се однесува називот на фестивалот?
– Тој во својата основа како инспирација го има токму значењето на овие два збора „Бура и пробив“ – познатото германско револуционерно движење во областа на уметностите. Платформа за интернационална промоција и соработка помеѓу различни уметници од Европа. Тоа е фестивал што и во иднина ќе ги прикажува и ќе промовира новите форми во повеќе уметности. Место каде што ќе промовираме млади артисти, ќе создаваме нови соработки, познанства, разменување искуства. Нешто што на сите ни е потребно. Вмрежување на креативно ниво со нашите колеги во светот. Се надевам дека наредното издание ќе биде во живо и тоа вмрежување и запознавање ќе имаат уште поголема смисла. Сакаме да ѝ понудиме на публиката продукции што ретко би можела да ги погледне во живо, со оглед на нашите можности за патувања.

Што виде публиката во изминатите денови?
– Програмата беше мошне обемна како за прво издание, тоа не значи дека претендираме да сме големи или сме преамбициозни, едноставно оваа прва година со програмата сакавме да покажеме што сакаме да бидеме во иднина и како го замислуваме постоењето на овој фестивал. Видовме 11 театарски продукции, пет во интернационалната програма (Австрија, Италија, Франција, Англија и Словенија) и шест во студентската програма (Романија, Словенија, Бугарија, Црна Гора, Србија и Словачка). Учествуваа независни алтернативни театарски групи, како и едни од најдобрите универзитети за уметност. Промовиравме 12 македонски уметници во програмата „Нов бран“ (поезија, музика и визуелни уметности) и пет млади македонски автори со нивните драмски дела. Како специјален гостин го имавме актерот Петар Милошевски, кој го претстави својот видеоперформанс што го направи лани за време на полицискиот час. Имаме околу 70 гости.

Што ве поттикна да почнете токму алтернативен фестивал?
– Уште од моето дипломирање некако почнав да се занимавам со алтернатива, да ја следам таа сцена. А можеби тоа длабоко некаде во мојата потсвест потекнува и од моите родители, кои се актери, и моите спомени поврзани со нивната работа се неуморно создавање и работење и надвор од институција. Односно секојдневно создавање и самоизградба преку откривање нови светови, нови форми. Во последните осум години активно следев што се случува на алтернативната сцена. Не мислам дека тоа е доволно, но сметам дека е сосема добар почеток да се нафатам на ваков фестивал. Често добивам и коментари, зошто, па тешко е, па нема услови. Но внатрешниот глас да се креира е многу посилен од сите коментари. Нашата публика заслужува ваков фестивал, уметниците заслужуваат ваков фестивал.

Каква алтернативна уметност и театар презентирате?
– Ова е многу опасна и дискутабилна тема. Оти, еве, на пример, можам да изложам неколку предмети во празен простор, да речеме – празна и полна чаша и да речам дека тоа е уметничка инсталација и дека има длабока симболика во „празното“ и „полното“. Сакам да кажам дека овие теми се опасни за дискусија и дека не треба да се анализираат, коментираат. Она што го нудиме се театарски групи што со години функционираат независно и притоа живеат од тоа. Одат на најдобрите фестивали, секојдневно создаваат и работат на тоа да живеат од алтернативниот, независен театар. Сите претстави се авторски, ете, можеби тоа ги прави на некаков начин посебни, па дури и некои од студентските претстави се авторски. Тука институцијата како сегмент не ја изоставувам, бидејќи сметам дека алтернативата токму во институција сѐ има родено, создадено. Па, така, и на фестивалот имавме и една институционална претстава на Младинскиот словенечки театар.

Кои се амбициите на фестивалот?
– Во суштина сум човек што не ги планира работите, оставам да ме носи сегашниот миг кон некаква иднина. Се трудам да го пренесам тоа и на мојот тим. Секако во иднина тимот ќе расте и би сакала тој да се пронајде во оваа идеја. Нашата идеја и желба е фестивалот да биде место каде што ќе се среќаваат уметници од Европа, каде што ќе разменуваат знаења и искуства.