Балконите служат за јавен поглед кон приватното. Се чини како да се онаму каде што куќата завршува, а сепак не се. Во својата политичка историја, тие биле и тераси на отвореност и надеж, како и платформи за авторитаризам и надмоќ, велат берлинските куратори

Околу 50 уметници, куратори и писатели од берлинската населба Пренцлауер Берг, ги претворија своите балконите во минијатурни уметнички галерии. Креативците учествуваа на изложбата на импровизирана организација, организирана од кустосите Овул Дурмусоглу и Јоана Варша, наречена „Живот, уметност, пандемија и близина“. Жителите, кои излегоа на прошетка, беа во можност да ги видат привремените уметнички дела со следење на картата направена од Дурмусоглу и од Варша. Картата избегна да утврди одредена маршрута за да се избегне метеж, но испечатените примероци од буквата „Б“, поставени на ниво на очите, претставуваа знак за луѓето кога да погледнат наоколу, пренесува „Артнет њуз“.
– Балконите служат за јавен поглед кон приватното. Се чини како да се онаму каде што куќата завршува, а сепак не се. Во својата политичка историја, тие биле и тераси на отвореност и надеж, како и платформи за авторитаризам и надмоќ – напишаа кураторите во изјавата што ја придружуваше картата.

Модерното маало Пренцлауер Берг, дел од берлинската област Панков, е познато по своите креативци и кафулиња. Инсталациите вклучени во „Живот, уметност, пандемија и близина“ вклучуваа сѐ, од јаже направено од врзана ткаенина до црно-бели фотографии од балкони во други градови и поезија, закачени на јажиња за сушење облека.
Едно уметничко дело вклучува тоалетна хартија што се спушта од прозорците од четвртиот кат и се однесува на првичниот бран панично купување во Германија. Додека, пак, принтови на хартија закачени на друг прозорец алудираа на јапонскиот концептуален уметник Он Кавара и неговиот серијал „Денес“, кој опфаќа повеќе од 1.900 платна насликани со длабока сина, сива или црвена заднина и бел текст, наведувајќи го датумот на денот. На берлинската верзија, за споредба, пишува: „12.4.2020/Станав во 7.45 часот.“ Серијалот го прикажува самиот поим за времето, концепт што веројатно ќе резонира со оние што го поминуваат целото време дома, со премалку активности за да ги разликуваат работните денови од викендите.
– Изолацијата не значи да се заклучиме во нашите мисли. Уметноста и уметниците секогаш ќе најдат нови начини да излезат во јавноста – раскажува уметникот Раул Валх, кој закачи сино-бели лебдечки скулптури од својот балкон.

Бидејќи галериите низ светот привремено беа затворени како резултат на пандемијата, уметниците наоѓаат нови начини да ја споделат својата уметност со публиката. Трендот што сега се шири низ Европа започна во Италија, каде што музичарите изведуваа импровизирани концерти од нивните балкони. Во Шпанија, во меѓувреме, музејот „Реина Софија“ соработува со конфедерација на европски културни институции за да регрутира 14 уметници, кои ќе имаат задача да создадат специјални балконски уметнички дела.