Уметницата, која активно го критикува кубанскиот режим, е бранителка на правата на уметниците и се бори против цензурата. Таа ја покажа својата поддршка на протестот по убиството на младиот Хансел Хернандез преку мрежите на институтот за артивизам „Хана Арент“, кој таа лично го води во Хавана

Визуелната уметница Тања Бругера, која требаше да учествува во протестите по повод смртта на Хансел Хернандез Галиано, млад Афрокубанец убиен од полицијата, не успеа да се појави на демонстрациите, затоа што неколку часа претходно беше уапсена од кубанските власти и изнесена од нејзиниот дом. Протестот организиран од кубанските активисти против полициското насилство што се случува таму, по смртта на младиот Хернандез, како и против насилството и своеволните апсења на кубанската полиција, се одржа пред познатото кино „Јара“. Бругера претходно ја известила својата сестра Дебора дека планира да присуствува на протестот, а тоа го објавила на својот фејсбук-профил. Сепак, додека да започнат протестите, уметницата веќе била изнесена од нејзиниот дом во населбата Ел Ведадо во Хавана.
Инаку, Тања Бругера лани беше во Скопје, каде што одржа предавање во Музејот на современата уметност. Таа е една од најзначајните и најангажирани уметници во светот, која се занимава со инсталација и перформанс и чии дела честопати ги нагласуваат општествените ефекти од моќта на политичката сила. Темата на предавањето во МСУ беше „Политичко времено специфично“.

– Изразот „Политичко времено специфично“ е термин кованица обмислен за да се дефинира вид уметност, која е создадена да постои во одреден политички
момент, кој на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание. Со оглед на тоа што веќе не е доволно да се создава уметност како а постериори реакција или коментар, време е да се создава уметност за она што сѐ уште не е случено и она што допрва треба да се случи – рече таа на предавањето.
Инаку уметницата, која активно го критикува кубанскиот режим, е бранителка на правата на уметниците и се бори против цензурата. Таа ја покажа својата поддршка на протестот по убиството на младиот Хансел Хернандез преку мрежите на институтот за артивизам „Хана Арент“, кој таа лично го води во Хавана.
Хернандез, кој има афрокубанско потекло, е опишуван во медиумите како кубанскиот Џорџ Флојд, а наводно е убиен од двајца полицајци на 24 јуни. Според официјалната верзија, Хернандез ги нападнал полициските службеници со камења, иако тие подоцна не биле пронајдени и неговите убијци не се идентификувани.

Повеќе од сто политички затвореници сè уште се наоѓаат во затворите во Куба, објави „Диарио де лас Америкас“. Неодамна, дисидентот Хозе Даниел Ферер и неговиот син, кои учествуваа во протестите по смртта на Хансел Хернандез во Сантијаго де Куба, беа уапсени. Тетката на Хернандез на својот фејсбук-профил напиша: „Ние, роднините, бараме овој суров чин извршен од рацете на нашата наводна национална безбедност, да не помине неказнет. Бидејќи полициската униформа не им дава право да убиваат никого на овој начин“.

Тања Бругера учествувала на изложбата „Документа 11“, а ја основала и програмата за бихевиорална уметност при Универзитетот за уметности во Хавана. Бругера има изложувано на Биеналето во Венеција во 2015 година, во музејот на современата уметност „Тејт“ во Лондон, во музејот „Гугенхајм“ и во музејот на модерна уметност МОМА во Њујорк.

Бругуера неодамна го отвори меѓународниот институт „Хана Арент“ за „артивизам“ во Хавана – како школа, изложбен простор и политички институт за уметници активисти и Кубанци. Родена е во 1968 година во Хавана, Куба, а живее и работи, покрај во Хавана, и во Њујорк.