Косовскиот филм „Улиште“ на режисерката Блерта Башоли, кој е копродукција помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија, освои 3 награди на „Санденс“, најголемиот фестивал за независен филм во САД.

„Улиште“ ги освои најзначајните награди: најдобар филм, најдобра режија и награда од публиката.

Филмот е во малцинска ко-продукција на македонскиот продуцент „Црна мачка продукција”. Со тоа, четврта година по ред, на овој фестивал присутен е проект кој е финансиран од Агенцијата за филм на Р. С. Македонија.

На „Санденс“ во изминатите години бевме присутни преку филмовите: во 2018 „Види ја ти неа” на Горан Столевски (наградата Најдобар интернационален игран филм во категорија на кратки филмови), 2019 „Медена земја” (Големата награда на Жирито, Најдобар документарен филм и Награда за најдобра кинематографија) и во 2020 „Налепница” на Георги Унковски, каде ја имаше својата светска премиера.

Малцинските копродукции стануваат клучен фактор за освојување на светската кинематографија токму преку вакви соработки кои се препознавани од националните агениции за филм.