ЈУ Детски културен центар „Карпош“ и Град Скопје денес на три локации поставија „Улични библиотеки“. Локациите на кои се поставија библиотеките се дворот на Детскиот културен центар „Карпош“, Градски парк и Ибни Пајко парк.

Идејното решение за дизајнот на библиотеките е на Македонка Тошевски.

Директорката Билјана Лалчевска Серафимовска изјави дека уличните библиотеки се прекрасен дом за книги и се достапни за секого. Луѓето можат едноставно да земат книга и кога ќе ја прочитаат можат да ја вратат или пак да ја подарат на пријателите. Доколку имате книги за кои мислите дека другите би уживале во нивната содржина, можете да ги оставите во било која улична библиотека на посочените локации.

Целта на библиотеките е да се направат книгите достапни за сите. Тие се симбол на доверба и надеж – мала предност на книжевната среќа. Книгите се бесплатни за позајмување и можат да бидат вратени или разменети за друга книга. Урбаниот дизајн ќе го привлече вниманието на секој страствен читател.

Уличните библиотеки се прозорец во умот на општеството, бидејќи книгите се оставаат и земаат, а притоа никој не треба да проверува дали се тука или не.

Да ја разбудиме свеста за книгата како најдобар другар која не води низ животот, порачуваат директорката, вработените и сите деца членови на Детскиот културен центар „Карпош“.