Дел од учесниците на трибината

На тркалезна маса деновиве се дискутираше дали е дојдено времето познатото дело, кое и проф. Јадранка Владова го сметаше за роман на созревањето, да престане да се смета за повест

Тркалезната маса со наслов „Зoшто ’Улица‘ на Славко Јаневски е повест, а не роман“, одржана на почетокот од неделава во читалницата што го носи името на познатиот писател Славко Јаневски во центарот на Скопје, преку учеството на професори, книжевни критичари, писатели, поети, покажа дека интересот за повторно дефинирање на ова дело сѐ уште трае. Организаторите, фондацијата „Славко Јаневски“ и издавачот „Просветно дело“, со овој настан и го започнаа планираното одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Славко Јаневски (11 јануари 1920), но и седумдесетгодишнината од издавањето на „Улица“ во 1950 година, првата поголема проза објавена во Македонија. Дело за кое и самиот Јаневски изјавил дека е повест, но кое од своето појавување до денес, во јавноста предизвикува и дилеми за можно негово редефинирање како роман. Учесниците Славе Ѓорго Димоски, Весна Мојсова Чепишевска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Ѓоко Здравески, Трајче Кацаров, Мими Блажевска, Елизабета Баковска, дискутирајќи на тркалезната маса, модерирана од директорот на фондацијата, Ѕвездан Георгиевски, потсетија и дека прашањето дали „Улица“ е повест или роман беше присутно во академските и студентски кругови во земјава меѓу читателите и претходно, пред десетина години.

– Една апокрифна легенда вели дека Чехов кога го напишал делото „Степа“, му го однел на Толстој да го чита како роман, а овој му рекол дека тоа не е никаков роман туку повест. И така го внел тој канон во руската теорија од каде што се префрла на Источниот блок и на источните, социјалистички земји каде што и се прифаќа. Од тој период и паметиме дека кога се обработуваше во гимназија „Судбината на човекот“ на Шолохов, тоа беше повест, а „Глувци и луѓе“ од Џон Стајнбек беше роман. Постоеше некое двојство, повест беше источната, а роман, западната литература – рече на почетокот Ѕвездан Георгиевски.

Славе Ѓорго Димоски напомена дека за овој роман предава на часовите по литература во гимназијата „Свети Климент Охридски“ во Охрид и пред неколку години добил прашање од ученик зошто во учебникот пишува дека „Улица“ е повест, а не заостанува по романите „Смрт во Венеција“, „Демијан“ или од „Странецот“, кои исто така имаат структура, содржина, разработени ликови и се обработуваат во истата четврта, учебна година.

– Терминот повест најчесто се врзува со живо раскажана приказна, дури и со усно кажување. Во рускиот јазик повест, значи раскажување и мислам дека овој термин за означување одреден литературен вид е руски производ, кој се рашири низ Источниот блок, а најраспространет е во Русија, за да означи некое дело со упростена содржина. Јас сметам дека „Улица“ е дело со богата содржина, со развиени сижејни линии, кои вешто се испреплетуваат, со ликови што се длабоко проникнати во нивната психологија, дело што дава реалистичка слика на времето во кое се случуваат настаните. Едноставно речено, не станува збор за литературно дело со упростено сиже – укажа меѓу другото, поетот и професор Славе Ѓорго Димоски.

Славко Јаневски

За Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтот за македонска литература, она што во теоријата на литературата барем официјално е прифатено е дека повеста е оној тип класификација што се однесува на должината.
– Имаме расказ и роман како два основни вида на прозните дела што се класифицираат по должина, расказот е помало, а романот е покомплицирано, поголемо по обем прозно дело. А што да правиме со средниот жанр, кој не е ни расказ ни роман, ни долг ни краток, туку е некоја мешавина? И можеби она што како неодреден жанр, како средна форма се јавува во класифицирањето на книжевните дела е она што ја прави главната забуна. Таа средна форма, која обично во теоријата на литературата не ги задржува само формалните мери на должина, на обем туку внесува и вредносни карактеристики. Повеста како термин е проблематичен, бидејќи не се држи до своите критериуми, не е доволно објаснет со критериумот должина – рече меѓу другото Лорета Георгиевска-Јаковлева.

Професорката во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, Мими Блажевска, во чиј фокус на интерес е „Улица“ и од страна на присутната во него машка иницијација, посочи дека во средношколскиот учебник од група автори, издаден од „Просветно дело“ повеста е сместена во средни епски дела, а истата определба не постои во класификацијата што ја прави проф. Јадранка Владова во друг учебник за прва година гимназиско образование од 2002 година…
– „Улица“ е создадена во повоениот период кога со право може да се повикаме на големите можности, кои се остваруваат во жанрот роман и да се даде таква квалификација на овој наратив. Но поголемо е правото да се задржи определбата повест, токму заради фактот дека овој наратив одговара на сите барања што ги поставува овој среден епски вид во проза, но и самиот Јаневски во еден наврат одредува дека „Улица“ е повест. Имено, ова документирано сведоштво го има во „Слушате ли Каинавелијци“ од Георги Старделов – истакна меѓу другото Блажевска.
Беше разгледана и дефиницијата од Миливој Солар дека „повест е средно долго прозно книжевно дело, кое од уметнички аспект е помалку важно“, на што Лорета Георгиевска укажа и дека се смета дека во повеста приказната е напишана едноставно и има цел да се нагласи етиката, крајот е предвидлив и обично е среќен.

– Тоа што се вели дека треба да биде едноставно мислам дека се надоврзува на самата тема, а темата се младите луѓе. Сега на пример, во рамките на студиските програми на Филолошкиот факултет, „Улица“ се учи како дел од книжевноста за деца и млади. И таа може да биде сосема добра лектира за младите за да се идентификуваат со главниот лик. Студентите сo 20 години сакаат повеќе да ја читаат ова книга отколку на 13 – 14 години. Се воодушевуваат од тоа дека и улицата во неа станува посебен лик, лик што ги учи, ги образува, не семејството, туку таа, улицата. Според мене, „Улица“ е посложена од романот „Село зад седумте јасени“ на Јаневски, има покомплексни ликови во неа – рече, меѓу другото, професорката Весна Мојсова Чепишевска од Филолошкиот факултет.Ѓоко Здравески од Филолошкиот факултет, пак, оваа тема за дискусија ја смета за жива бидејќи, како што рече, почнал да студира кога починала професорката и писателка, Јадранка Владова во 2004 година, време кога бил и формиран круг на луѓе, нејзини студенти во кој влегол и тој. Потсети дека и тогаш била актуелна истата тема врзана за „Улица“ како и темата што и денес одвреме-навреме исто така се актуализира, темата за тоа кој е всушност првиот македонски роман.

– Јадранка Владова го смета Славко Јаневски, а за тоа и пишува во својата книга „Литература за деца“ – за основоположник и на литературата за деца и на литературата за возрасни на македонски јазик, типизирајќи ја „Улица“ како билдунгсроман или роман на созревањето, спротивставувајќи ѝ се така на дотогашната книжевна историографија, која ја смета таа книга на Јаневски за повест. Во романот на созревањето, главниот лик поминува низ иницијации, низ внатрешни перипетии, ликот расте, се менува и токму промената е клучна за овој тип романи, а „Улица“ е приказна баш за тоа: како расте, како се менува, односно како созрева едно дете во Скопје пред Втората светска војна. Оваа теза на Владова е важна поради две гледишта: 1. „Улица“ на Јаневски не е само книга за деца, туку е и книга за возрасни; 2. книгата не е повест, туку е роман. Ако се тргне од оваа теза, тогаш се решава дилемата околу првиот македонски роман, бидејќи „Улица“ е објавена во 1950 година, две години пред „Село зад седумте јасени“ и три години пред „Крпен живот“ – рече меѓу другото Здравески.

„Улица“, пак, од страна на Трајче Кацаров беше разгледана како новела, која, како што вели тој, „е доста податлив материјал да се стекне со драмски исказ“.
– Пред повеќе од десетина години, тогашниот министер за култура беше загрижен зашто во македонскиот театар, односно на сцените на македонскиот театар сѐ помалку се наоѓаат автори што се прозаисти и романописци, односно сѐ помалку се драматизираат делата на нашите прозни мајстори. Тоа нѐ наведува, нѐ мотивира на некои од прозните дела на нашите македонски прозаисти да гледаме како на добар материјал за сценски приказ. Како драматичар делото „Улица“ го сметам за добар материјал за преточување во форма што ќе предизвика интерес кај сценските, театарските, дејци – истакна Кацаров.

Елизабета Баковска, писателка и преведувачка, која ја следеше тркалезната маса, како мајка на деца што се во системот на образование, нагласи дека постои потреба од дефиниции во книжевноста, од дебата за тоа колку одредени дефиниции сѐ уште го трпат тестот на времето.
– Пред нас има и една многу суштинска задача за која ретко се нафаќаме, а тоа е да ги ревидираме наставните програми, учебниците, а особено да ги заборавиме дефинициите со кои децата се оптоваруваат и кај нив се гради отпор кон мајчиниот јазик. Треба да се дискутира и зошто ова дело на Јаневски е значајно за нас и за нашата култура и историја. Со тоа само ќе се привлече поголемо внимание за него во јавноста – рече таа.

Според Лорета Георгиевска-Јаковлева, ако го класифицираме нема дилема, „Улица“ е роман од денешен аспект, но ова дело и понатаму може да се разгледува, а постојните дилеми да се расчистуваат.