По препорака од Надежда Чачинович и нејзиниот „Водич низ светската книжевност за интелигентна жена. Корисен и за интелигентни мажи“, напишан со намера да го разбуди читателското љубопитство и да овозможи нов и свеж пристап кон класичните и современите врвни дела од светската книжевност. Опфатени се триесетина автори (од Џејн Остин, Шарлота Бронте, Олдос Хасли, Гистав Флобер, Толстој, Стендал до Вирџинија Вулф, Силвија Плат и Џејмс Џојс), кои на различен начин ги обработувале проблемите на родот и женската еманципација, машко-женските односи и стереотипи

Овој роман не е особено популарен меѓу читателите, што е штета. Дамнешниот проблем со нечитливоста на книгата веројатно исчезна, читателите веќе и во забавната литература свикнаа на разни монтажи, јазични досетки, препознаваат внатрешен монолог… Ирскиот писател својата одисеја ја сместил во еден даблински ден, 16 јуни 1904 година (наводно, денот на неговата прва средба со идната жена Нора): Одисеј е Леополд Блум, аквизитер, Пенелопа е неговата жена Моли, а Телемах е веќе познатиот лик на Џојс, Стефан Дедалус. Се нижат епизоди во кои со малку напор и знаење можеме да го препознаеме образецот (а има и една цела интелектуална индустрија со помагала во читањето на „Улис“). Внимателните читатели и читателки ги препознаваат и доминантните бои на одделни глави, тематската поврзаност со некоја од науките и уметностите како и начинот на трансформација на грчкиот еп. Понекогаш упатеноста на епот е полесно да се разгатне, на погребот ќе помислиме на Ад, епизодата со сирените содржи музика и заводливи келнерки, Протеј влијае на средствата за обликување на својата епизода, но во секој случај, дали поради Даблин или поради асоцијации, „Улис“ нуди изобилно задоволство во читањето.

На што треба една паметна читателка да обрне посебно внимание: на сексот. Улис беше забрануван заради опсценост, зборувањето за сексуалноста, особено на женската, беше возбудливо и ново, иако ниту најстрогиот судија не би можел да докаже некој порнографски ефект. Џојс, судејќи според биографиите, бил невозможен на разни начини, како сопруг и особено како татко, но овој роман завршува со внатрешен монолог на женскиот лик што доживува оргазам: лик што умее и полага право на оргазам. Моли Блум, неверна сопруга, која е речиси без интелектуална димензија, можеби не е привлечен лик за идентификување, но не сите писатели го имале предвид фактот дека жените имаат тела.

Треба да се спомене и тоа дека современата писателка Маргарет Атвуд во „Пенелопијада“ напиша блескава феминистичка ревизија на „Одисеја“, па и таа книга ја препорачувам за читање.


Џејмс Огустин Алојшис Џојс (1882 – 1941), еден од најголемите ирски писатели што пишувал на англиски јазик; родоначалник на прозниот модернистички стил што ја применува техниката на пренесување на „состојбите на свеста“. Дебитирал со збирката раскази „Даблинци“ (1914), следуваат романите „Портрет на уметникот во младоста“ (1916), „Улис“ (1922) и „Бдението на Финеган“ (1939). Со своите прозни дела извршил големо влијание врз современата светска книжевност.


Надежда Чачинович (Будимпешта, 1947) е современа професорка по филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб, социолог, компаративистка, феминистка, авторка и преведувачка на дела и учебници по филозофија, со словенечки етнички корени. Се школувала во Цирих, Берн, Белград, Мурска Собота, Љубљана, Бон и во Франкфурт. Студирала филозофија, компаративна книжевност, историја на уметноста и лингвистика, а докторат по филозофија одбранила во Загреб. Била на студиски престои во Берлин, Париз, Мастрихт и во Копенхаген. Предава естетика, филозофија на културата и филозофија на родот. Беше претседателка на хрватскиот ПЕН-центар, а сега е една од неговите потпретседатели. Членка е на Хрватското друштво на писателите.

(Превод од хрватски јазик и кратка белешка за авторите: Весна Ацевска)