По низата незаборавни настапи во најпрестижната светска рецитална сала – лондонски „Вигмор хол“, македонскиот пијанист Симон Трпчески оваа сезона беше резидентен артист на една од најпосакуваните сцени. Кон крајот на минатата година одржа камерна вечер заедно со еден од водечките светски виолончелисти Даниел Милер-Шот, а во јануари годинава го донесе хит-проектот на Трпчески и пријателите, „Македонисимо“, инспириран од македонскиот фолклор и посветен на македонскиот народ. Овој циклус во британската престолнина нашиот пијанист го заокружи синоќа со самостоен рецитал. Изведбата на дела од Григ, Менделсон и од Римски-Корсаков уште еднаш ја разнежни пребирливата лондонска публика, чии овации нашиот пијанист ги награди со три биса.

Воодушевен од приемот, Трпчески во изјавата за Македонското радио се пошегува дека, наместо традиционален второмајски излет, овој пат празникот на трудот го прославил со универзалниот јазик на музиката: „Го направив изборот од разновидна несекојдневна програма онака како што и јас сакав и драго ми е што и публиката, не само овде во Лондон туку и претходно во Пекинг и Шангај и во Чешка и деновиве во Бирмингем и Саутемптон исклучително уживаше со мене. Се надевам дека така ќе биде и на моите следни два рецитала во оваа сезона, закажани за Сиднеј и Аделаида во почетокот од јули.“

– Изборот да се биде резидентен артист со неколку настапи во една сезона зборува за почитта на промоторот кон уметникот. Кога се има предвид дека тоа во случајов е омилената сала на лондончани „Вигмор хол“, со таква историја и традиција, пример за ниво, софистицираност и квалитет, чувството е дотолку поубаво, повозвишено. Јас со овој промотор имам посебна релација, ако се има предвид дека тука, во оваа сала, беше и моето дамнешно лондонско деби, сум настапувал многупати со солистички концерти, како дел од пладневните концерти на Би-би-си, дел од камерните музички концерти, а и за нивната престижна етикета издадов и два компакт-диска со снимки реализирани во живо. Се работи за публика што ја сака и познава музиката и секогаш сум бил дочекуван многу топло. Многу ми е мило што „Вигмор хол“ покажа ваква почит и интерес и респект и со британската премиера на „Македонисимо“, во функција на презентација на нашата музичка култура – вели нашиот национален уметник.

Инаку, Трпчески следната седмица продолжува да концертира како солист на „Борнмут симфони“ под диригентската палка на Кирил Карабиц од Украина во Пул, Велика Британија и во националната концертна сала во Даблин, Ирска. Крајот на месецов е резервиран за полската турнеја со „Македонисимо“ на концерти во Варшава, Шќеќин, Гдањск и Катовице, како и првпат, настапи на Кипар, во Никозија. Во јуни следува и француската премиера на македонскиот проект на Пијано-фестивалот во Лил. Концертното лето, пак, е резервирано за турнеите во Австралија и во Нов Зеланд.