„Трословната книга“ преведена од старокинески јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави „Трословната книга“ во превод од старокинески јазик, предговор, белешки и прилози на Игор Радев. Книгата претставува книжевно дело што го опфаќа повеќемилениумскиот идеал на кинеската цивилизација, напишано во 13 век, кое неколку века останува базично едукативно четиво за восприемање на суштината на кинеската култура, филозофија, историја, етика и хуманизам. Овој некогашен буквар за моралните вредности во Кина, всушност, претставува сублимат на целокупната кинеска и далекоисточна култура.

Вредноста на преводот на ова дело на македонски е двострана – најпрвин на нашиот читател му овозможува на еден пристапен начин да се запознае автентично со основните културни придобивки на класична Кина во нивната целост, но истовремено му дава можност да ги восприми или, во најмала рака, да стапи во дијалог со вредностите на образовниот етос што ги дефинира денешните далекоисточни нации. „Трословната книга“ е едно од најрано и најчесто преведуваните класични кинески дела во странство.

Книгата е особено прифатлива за странските читатели, зашто во едно компактно „пакување“ им нуди повеќестран увид во цела една цивилизација. Притоа, странскиот читател ќе може особено многу да научи за теоријата на образованието и за работната етика на далекоисточните народи. Книгата содржи и два прилога – осврт кон кинеската историја и хронологија на кинеската историја.