Како дел од планираните активности по повод одбележувањето 30 години од осамостојувањето на Македонија, од денеска до 26 август ќе биде реализирана културната манифестација „Филмска култура“. Домаќини на овој настан, кој се реализира со поддршка на Владата, ќе бидат Тетово (20 – 22 август), Битола (20 – 22 август) и Скопје (22, 25, 26 август), во чии рамки ќе биде прикажана селекција од краткометражни, документарни и играни филмови од македонска продукција.
За време на манифестацијата ќе се одржи и свечена академија на темата „Македонскиот игран филм во следната декада“, каде што акцентот ќе биде ставен на интеркултурната димензија и универзалниот јазик на филмската уметност. Како дополнителна програма ќе бидат одржани и три концерти, во секој град, насловени „Филмот може да се слуша“.
– Денес, кога се пребројуваат и се апсолвираат сите премрежиња, транзиции, успеси и падови и се слави 30-годишнината од независноста, исклучително е важно да се обрне внимание на културата, односно да се евалуира создаденото. Не е нескромно ако се каже дека техничкиот и креативниот развој на филмот, денес е со највидливи резултати од сите области на културата. Затоа, владината поддршка на настанот „Филмска култура“ е особено важна за граѓаните, за афирмација на нашите културолошки вредности и за филмската уметност. Во три града, во три дена ќе се слави модерната кинематографија, но и ќе се потсетиме на развојниот синеастички пат, на авторите што се дел од оваа значајна тридецениска историја – вели продуцентот Томи Салковски.