На огромно задоволство на бројната публика во Кавадарци вечерва со почеток во 20 часот на градскиот плоштад гостува поп-класичнот состав „Трио џентлмен“ составено од тројца професионални оперски пејачи: Дејан Стоев – тенор, Кристијан Антовски – баритон и Јане Дунимаглоски – тенор. „Трио џентлмен“ е прв и единствен состав на нашите простори кој го негува и презентира поп-класичното пеење како жанр на музика.

„Трио џентлмен“ всушност е создадено по примерот на веќе познати светски поп-класични состави кои подолг период го изведуваат овој жанр на музика. На нивниот репертоар се наогаат најголеми светски поп хитови, наполитански канцони, латино композиции, руски романски, македонски евергрини, балкански поп композиции изведувани во поп-класичен манир од кои значаен дел кавадаречката публика ги има слушнато во живо на претходните гостувања во Кавадарци.

Концертот е во организација на Локалната самоуправа и Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, а е подржан од Министерството за култура. Со оглед на фактот што претходните ликовни изложби во Домот на културата беа реализирани во согласност со протоколите во услови на пандемија, вечерашниот концерт на градскиот плоштад на отворено, остава можност публиката согласно дозволеното растојание и маски на лице да ужива во прекрасната интерпретација на „Трио џентлмен“. Ми.М.