На познатиот археолошки локалитет се откриени и остатоци од средновековен град чие име најверојатно е Дебрец

Локалитетот Требенишко кале во селото Требеништа, кој е дел од општината Дебрца, деновиве повторно го привлече вниманието на јавноста со најновите археолошки податоци, кои таму се откриваат со прекини од 1927 година, при што последните истражувања од 1997, 2018 и 2019 година се поврзани со работата на археолошките тимови од Филозофскиот факултет во Скопје под раководство на археологот и професор Виктор Лилчиќ Адамс. Постоење на средновековен град на овој простор покажаа најновите резултати добиени од проектот „Требенишко кале, село Требеништа, истражување 2019“, кој се реализира со поддршка од општината Дебрца, при што локалитетот е истражуван со метод на рекогносцирање.

Проектот ќе се одвива и годинава, а се претпоставува дека името на средновековниот град е Дебрец. Виктор Лилчиќ Адамс укажува дека во рамките на југозападните делови на Македонија, Требенишко кале претставува археолошки локалитет од прва категорија, кој би требало што поскоро да се активира во рамките на културно-туристичкиот развој на општината Дебрца. Филозофски факултет од 2018 година соработува со оваа општина, во таа година се истражувани старите градови и утврдувања, а пак лани веќе познатиот локалитет Требенишко кале.

– Во рамките на Средорече, или општината Дебрца, во епохите на антиката и средниот век биле оформени десетина утврдени населби, сите на ниски или доминантни ридови. Помеѓу нив се издигнал градот на Требенишкото кале како најголем по својата населбинска површина на речиси 5 хектари. Истите тие беа предмет на поранешни истражувања, при што се дојде до оптимални сознанија. Со интензивни сконцентрирани теренски истражувања во рамките на проектот „Дебарца – археолошка топографија на старите градови и тврдини 2018“, во голема мера се дополнија и заокружија нашите познавања на најстарите цивилизациски локалитети на овој простор. Во текот на 2019 година се сконцентриравме на најголемиот антички и средновековен град на локалитетот Требенишко кале. Требенишко кале претставува маркантен и богат антички град. Неговиот просперитет, секако, се должи на внимателно одбраната местоположба на крстосницата на патиштата од Кичевијата и Дебарца кон Охрид и од Струшко, преку теснецот кај Требениште кон Лиоиште и Косел. Тоа го потврдува и неговата површина од 4,66 ха во опфатот на ѕидовите на акрополата, градот и јужното подградие. Меѓутоа во текот на нашата истражувачка посета забележавме дека постојат и постари културни хоризонти од оние во опфатот на ѕидовите, што се видени на северната и североисточната падина, што укажува на реалната можност површината на градот да ја надминува бројката од 5 хектари.

Точниот одговор, секако, ќе го дадат идните археолошки истражувања, кои, несомнено, би требало да се почнат и водат како систематски на овој значаен антички град, чие име можеби се крие во некои од градовите Енхелана, Керакс, Сатион, Боиои, кои ги споменува историчарот Полибиј како градови во Десаретија што ги освоил македонскиот крал Филип Петти – посочи раководителот на истражувањата Виктор Лилчиќ Адамс.

Тој потсети дека локалитетот Требенишко кале се наоѓа на древна крстосница на патиштата, на патната магистрала од Охрид кон Кичево, околу 10 километри северно од Охрид и на 18 километри од државната граница со Албанија.
– Во рамките на југозападните делови на Македонија, Требенишко кале претставува археолошки локалитет од прва категорија, што би требало што поскоро да го активираме во рамките на културно-туристичкиот развој на општината Дебрца – истакна Лилчиќ Адамс.

Резултатите од проектот „Требенишко кале, село Требеништа, истражување 2019“ се презентирани во општината Дебрца, во присуство на општинскиот градоначалник Зоран Ногачески и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов. Археолошкиот локалитет Требенишко кале, според градоначалникот Зоран Ногачески, треба да ја промовира оваа општина во високорангирана природна, културна и археолошка туристичка дестинација. Ногачески најави и преуредување и претворање на задружниот дом во селото Требеништа во дом на археолошкото наследство на општината Дебрца, додека директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов најави поголема заштита на локалитетот.

– Ние како управа, нашите професори и преостанатите заводи за заштита на културното наследство, ќе се обидеме со поинаква стратегија и тактика да придонесеме да ги подигнеме стандардите, да го подигнеме нивото на работа, овие значајни локалитети да го добијат вистинското место во регионот. Конкретно, приоритет ќе биде новиот нацрт-закон за заштита на културното наследство, во кој најверојатно ќе бидат видоизменети начините на финансирањето. Инсистираме на подолготрајно финансирање, кое нема да зависи од моменталните политички ситуации во државата – изјави меѓу другото Ацо Костов.