Американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече заканата од напади на локации на иранското културно наследство, откако американските музејски институции и организации остро ја осудија ваквата идеја, а ја отфрли и министерот за одбрана Марк Еспер. Иако првобитната закана на Твитер, која предизвика лавина реакции, ја повтори во текот на минатиот викенд и пред медиумите, Трамп на 7 јануари изјави дека САД, врз основа на различни закони, би требало да бидат „многу внимателни спрема нивното (иранско) наследство“…

– Ако законите се такви какви што се, би сакал да му се покорам на законот – изјави Трамп во текот на состанокот со грчкиот премиер Кириакос Мицотакис во Белата куќа.
Трамповата закана претходно ја осудија водечките институции од културата како музејот „Метрополитен“, Асоцијацијата на директори на музеи на уметноста, Американската музејска алијанса, Светскиот фонд на споменици и др. Иранската страна почна кампања на Твитер, на која ѝ се приклучија и голем број јавни личности, покажувајќи фотографии од своите омилени археолошки локации во Иран како Персеполис или џамијата „Насир Ол Молк“ во Шираз.

Директорот на Музејот на убави уметности во Бостон, Метју Теителбаум, објави дека уметничкото и културното наследство се вкоренети во наративите на одредени нации, но му припаѓаат на целиот свет.

Асоцијацијата на директори на музеи на уметноста, која собира 225 музејски институции во САД, Канада и во Мексико, повика на заштита на културното наследство во Иран и во Ирак.