Вечерва, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар – Скопје, „Скопје танцов театар“ ќе настапи со „Трагедија на тигарската буба“. Кореографијата е на Јотам Пелед (Германија), а костимите се на „Скопје танцов театар“. Ќе настапат: Анастасија Данчевска, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Тринга Хуса, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Ивана Балабанова, Џорџа Лоли (Италија), Дамла Пинар Башар (Турција) и Борис Богдановски.

Физичко-театарската танцова претстава „Трагедија на тигарската буба“ го истражува човекот, кој е изгубен во огромниот број информации: парализиран, збунет, на работ на распад, сонувајќи за исклучување.

– Играјќи помеѓу комичното и трагичното, оваа претстава сугерира гротескен универзум каде што вредноста на животот и на смртта се губи низ бројките – заклучува Јотам Пелед

„Скопје танцов театар“ е основан во 2011 година и е првата официјална компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како основачка и уметничка директорка.