Не му ги истакнав мускулите, одев малку во идеализација, што е добро кај спомениците, вели авторката на споменикот на Мате Парлов во Пула

Во Пула неодамна е откриен споменик на Мате Парлов, дело на хрватската скулпторка Марија Ујевиќ-Галетовиќ. Споменикот се наоѓа на Џардини, во близината на кафулето на легендарниот боксер, кој почина пред речиси тринаесет години.
– Не го конципирав како боксер, бидејќи него не го доживуваа само како боксер, туку повеќе како интелектуалец. Беше голем поклоник на поезијата. Така што не му ги истакнував мускулите, одев малку во идеализација, што е добро кај спомениците. Бидејќи секогаш се добри оние споменици што се на ниво на симболи, тие мора да имаат и симболично значење. Најдобро е кога од физичкиот лик ќе се извлече симболот. Спомениците ни служат да се сетиме на тие луѓе. Споменикот се подига за некому да му кажеш благодарам. Споменикот мора да има карактерни црти, да се види за кого се работи – вели скулпторката.
Нејзиниот споменик на Мате Парлов ги има тие црти, но на сето тоа, како што вели самата, му дала благост. Нема во него толку борбеност, која можеби се очекува кај боксерите. Скулпторката потсетува дека на Парлов како на спортист веќе му имаат направено споменик, со ракавици. Укажува дека Парлов и не беше некој мускулест, крупен боксер. Вели дека имал цврста конституција, затоа и му направила раце од цврст, едноставен облик. Во разговорот за „Јутарњи лист“ изјавува и дека ѝ било многу тешко да го направи споменикот поради проблемите со здравјето.
– Работев во многу тешки услови, физички ослабев поради проблемите со ‘рбетот, имам силни болки. Но кога сакаш, можеш. Сите мои постари колеги престанаа да работат на седумдесет години, а ја имам 87. Инаку сум брза во сѐ, но овој споменик поради тие физички проблеми се развлече. Ме наговорија, инаку немаше да прифатам во вакви услови – вели таа.

Иницијативата за да го изработи споменикот дошла од Пула. Тој е направен во бронза и е во природна големина. Нема постамент, стои на тлото, а Парлов со рака се потпира на кубусот, како „да се одмора“. На него авторката со името и презимето ставила и пет медали, што е асоцијација на неговиот олимписки статус. Иако Парлов не е во спортско издание, едната рака, левата, по малку асоцира на боксерска ракавица, но многу дискретно. Скулпторката му го нагласила капутот и му ја зајакнала вертикалата. Таа укажува дека кај спомениците е важно да имаат цврста вертикала или дијагонала. Марија Ујевиќ-Галетовиќ признава дека досега не работела споменик на спортисти и дека тие воопшто не ја интересираат, но кога ја слушнала приказната за Парлов, не можела да ја одбие таа нарачка.
– Кај Мате Парлов е чудна комбинацијата. Многу ретка, некој да е и поет и боксер. Него го доживуваат луѓето како општествено суштество, многу интересно, пријатно. Пишуваше, го рецитираше Тин Ујевиќ, на пример. Тоа се посебни луѓе. Необична судбина, многу е сакан во Пула. Имаше и кафуле што беше како некој пункт. Секогаш беше таму, луѓето сакаа да одат таму и да разговараат со него. Јас не го познавав. Тешко е да се работи споменик кога не ја познаваш личноста што ја претставува, но многу ми зборуваа за него. Има нешто благо антички во таа скулптура. Антиката секогаш гледала со склад. Да кажеме Партенон, никој ниту пред, ниту потоа не направил толку убава куќа. Другото се цитати, копии.

Споменикот мора да го има тој склад. Тој не може да биде нешто искривено, бидејќи луѓето полудуваат. Споменикот не мора да биде уметничко дело, но мора да биде коректно направен. Не може да се направи споменик како да му се исмеваш некому. Тој мора да биде прифатлив. Можеби овој нема некому да му се допадне, бидејќи нема мускули или е премногу идеализиран, но важно ми е дека семејството е задоволно – вели Марија Ујевиќ-Галетовиќ.
Малку е познато дека во Пула таа го направила и споменикот на хрватскиот поет и христијански хуманист Марко Марулиќ, кој го смета за свој најдобар споменик.