Филмот „Тома“ на Драган Бјелогрлиќ, динамична сторија за животот и доживувањата на легендарниот пејач Тома Здравковиќ, како секој вистински филмски хит на Балканот, веќе исфрли неколку реплики што стекнуваат култен статус со неверојатна брзина. Една од нив гласи „Ти не ја избираш публиката, публиката те избира тебе!“, изречена од пејачката Силвана Арменулиќ, наменета за нејзиниот колега Тома.
– И, секако, „Тома“ го имаме на почетокот на ноемвриската програма во Кинотеката. Како со песните, така и со филмовите, публиката секогаш ги избира, одлучува кои ѝ се омилени, кои ќе ги гледа и по неколкупати. И филмовите и песните понекогаш стекнуваат статус на евергрини, минувајќи ги ситото на временската дистанца, од две, пет, десет, дваесет, педесет години, и судот на разните вкусови – најавуваат од Кинотеката.

Ноемвриската програма во Кинотеката содржи неколку такви евергрин-филмови за сите времиња. Неделата на шпанскиот филм содржи токму такви наслови. Изборот на седумте филма на оваа манифестација, која веќе е традиционална во кинотечната програма, претставува мешавина од тематски преокупации на авторите од неколку генерации, во кои доминира добро познатата медитеранска атмосфера, во која се „натопени“ семејните и личните трагедии.
– Во документарниот филм „Омега“ на Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес на необичен начин ги спојува поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка, со огнениот ритам на фламенкото. „Духот на пчелната кошница“ на Виктор Ерис, „Девет писма за Берта“ на Базилио Мартин Патино, „Национално наследство“ и „Ракетата од Калабуч“ на Луис Гарсија Берланга внимателно ја сецираат најголемата рана на шпанското општество, четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко. Тие рани можеби се залечени, но ангажираните филмски автори се тие што имаат задача да покажуваат на лузните што ги носи едно општество – велат од Кинотеката.
На Неделата на шпански филм ќе ја видиме и социјалната драма „Невините светци“ на Марио Камус, како и „женското писмо“ на авторката Исиар Бојаин, порано и одлична и популарна актерка во „Мата Харис“.
Крајот на ноемвриската програма е резервиран за четири документарни наслови од современата српска кинематографија. Се работи за двата документарни долгометражни филмови на Горан Радовановиќ, „Чекајќи го Хандке“ и „Случајот Макавеев или процес во киносалата“, како и двата краткометражни документарци на авторскиот двоец Милан Киќевац и Бошко Милосављевиќ, „Учителот од Дримкол“ и „Селидбите вечно продолжуваат“.