Оваа година се навршуваат деведесет години откако Томас Ман ја доби Нобеловата награда за книжевност. Четири години подоцна, на власт стапи Адолф Хитлер

На вчерашен ден во 1955 година светот го напушти Томас Ман, најголемиот мигрант и еден од најголемите писатели на 20 век. Оваа година се навршуваат деведесет години откако ја доби Нобеловата награда за книжевност. Четири години подоцна, на власт стапи Адолф Хитлер.

Роден е на 6 јуни 1875 г., во германскиот град Либек, во семејството на трговците Томас Јохан Хајнрих Ман и Јулија де Силва Брунс, Јужноамериканка, од која Томас ги наследил фантазијата, сензибилноста и наклонетоста кон музиката. Студира на Универзитетот во Минхен, каде што подготвувајќи се за новинарска кариера учел историја, економија и историја на литературата. Пресудно влијание на младиот Ман извршиле филозофските дела на Ниче и на Шопенхауер, но и Вагнеровата музика.

Првото вработување на идниот голем писател беше многу скромно, на местото чиновник во една осигурителна компанија. Набргу неговиот раскажувачки талент му го привлекува вниманието на влијателниот поет на тоа време Рихард Демел, кој го препорачува во списанието „Симплицимус“, каде што Ман ја започнува кариерата на пишување и тоа прво кратки раскази, „Малата госпоѓа Фридман“, објавени во 1898 г.

Пишува и објавува раскази со стил, првото големо остварување му доаѓа со „Буденброкови“, кое се одликува со семејното наследство и го носи големиот портрет на германското граѓанско општество. Тоа е своевидна историја на пропаѓањето на угледната северногерманска фамилија. Својата брилијантна техника на пишување Ман ја демонстрира и во романот „Кралско височество“, а дилемата на трагичната осаменост на уметникот и за неговата изолираност од светот, веќе назначени во делото „Тонио Кригер“, драматично ја обновува и ја збогатува во новелата „Смрт во Венеција“.

Неговите книги, и покрај критиките на нацизмот, не се наоѓаат меѓу оние што Хитлер јавно ги спалува во мај 1933 г., на што веројатно влијаела и неговата Нобелова награда. Три години подоцна, во 1936г., нацистичкиот режим му го одзема германското државјанство. Следната година Ман зема чехословачко државјанство, а во 1938 г. се сели во САД. Предава на „Принстон“, во 1942 г. заминува за Калифорнија, каде што останува до 1952 г., кога се враќа во Швајцарија. Никогаш повеќе не се враќа да живее во Германија, иако ја посетувал и држел предавања таму. До 1943 година ја објавил тетралогијата „Јосиф и неговите браќа“, а во 1939 романот „Лота во Вајмар“. Во текот на војната го напишал романот „Доктор Фаустус“, кој е објавен во 1947 г. И покрај тешкото време што го обележило животот на Ман, доброволното прогонство и спорот со татковината, тој бил човек што се издигнувал над времето на големи судири и излезот го наоѓал во работата и создавањето. Умира на 80 години во болница во Цирих, на 12 август 1955 година.