Под насловот „Тела на сцената и перформанс од дома за време на карантин“ во Музејот на модерната и современата уметност во Риека е отворена изложбата на италијанскиот кустос Андре Контин. На неа се презентирани уметнички дела на повеќе од 40 автори, кои за време на пролетната изолација настапиле во акции приспособени на кратки видеоформати, користејќи го само она што го имале на располагање во сопствениот карантински простор.

Нивните уметнички дела, кои досега беа достапни само онлајн, ќе може да се погледнат до 10 јули. Организаторите посочуваат дека по двете распродадени вечери на „Тела на сцената“, во просторот на театарот „Лингуагикреативи“ во Милано лани во декември, и по успехот со виртуелната презентација од мај годинава (со прецртаниот збор „сцена“ поради нејзината недостапност), настанот со кустоски потпис на Андре Котин сега оди чекор понатаму. Доаѓа во Музејот на модерната и современата уметност во Риека, во градот што во предизвикувачкава година силно одбележана со појавата на пандемијата ја носи титулата европска престолнина на културата.

Поради тоа раководителот на музејот Славен Тољ одлучил да ја претстави „Тела на сцената“ во форма на изложба на видеодела, која во овој сложен историски момент проговорува со јазикот на уметноста. На неа учествуваат млади и меѓународно познати уметници,обединети со вонредната ситуација, како и со неопходната потреба да проговорат за сегашниот момент: Симона Берти, Иво Бонакорси, Серџо Бреварио, Немања Цвијановиќ, Наталиа Л.Л, Елена Немкова и др.