ЗОРАН ПЕЈКОВСКИ, ПИСАТЕЛ

Периодов целиот свет е зафатен со глобалната пандемија на коронавирусот. Дали оваа вонредна состојба за писателот е време да извади нови литературни дела или, пак, предизвикува стрес и ја кочи и творечката инспирација?
– Како кај секој човек така и кај писателот оваа глобална пандемија на коронавирусот негативно влијае, затоа што е натурен некој страв кај луѓето, а тоа може да се препознае и на нивните лица, па дури и преку енергијата што ја испраќаат. Писателот својата инспирација секогаш ја наоѓа во својот ритуал, во својата слобода, а не во егзилот и во карантинот, затоа што таквиот егзил преоѓа во тој духовен егзил. Токму затоа многумина се занимаваат со политикантство. Јас затвореноста и оддалеченоста не ги сакам, оти на тој начин ти си сопрен да дојдеш до твојата мисија.

Таа затвореност мене ми создаваше, и денес ми создава болка, па во ноќните или во раните утрински часови станував од својот немирен сон и се посветував на пишувањето. А пишував за сето она што го доживуваме, чувствуваме и гледаме како човекови суштества. Така чмаејќи во тој затворен простор се роди идејата и за една нова збирка песни, која наскоро ќе излезе од печат. Така што и овој пат во периодот на затвореност, но не бегајќи од реалноста, преку стихот ги забележав црните моменти на Македонија во кои се најде таа, а и човекот како единка. Таа нова збирка песни ќе претставува поетски манифест. Се потрудив преку својот поетски јазик да го „насликам“ времето во кое се наоѓаме.

Ќе се смени ли сфаќањето на уметноста поради сево ова што го живееме во моментов?
– Уметноста е највисокиот стадиум на емоцијата, не можеш да ја испратиш преку веб-камера, оддалечен од мистичната енергија што ја испраќаат уметниците до својата публика. И ако гледаме наназад, сите големи умови во уметноста умираат млади, затоа што тие се најсензитивните и најчувствителните, а оние, пак, што ги измислиле книжевните, театарските, уметничките правци се посебна приказна за себе. Едноставно речено, писателите, театарските творци, уметниците, не можат да функционираат без својата публика, без читателите и без контактите со нив.

Неодамна од печат излезе вашата нова книга „Возови на смртта“. За какво четиво станува збор и на кој начин планирате да им ја доближите книгата на читателите?
– Новата збирка песни „Возови на смртта“ обработува еден таков момент. Природата на моите ангажмани бараше постојано да патувам. И честопати сакав градовите да ги разгледувам преку нивните метроа и да се возам со тие возови, затоа што таму можеш да најдеш многу ликови, многу карактерни особини, кои подоцна можат да донесат инспирација за нова книга. Кога се наоѓав во тие подземни тунели, направени само за да стигнеме побрзо до определената цел, јас ја видов болката во тие луѓе, нивната тага, изгубените моменти и сфатив дека Западот ги третира луѓето како експериментални глувци, и такви какви што беа луѓето во тие мигови своите решенија ги наоѓаа во самоубиствата, фрлајќи се пред возовите. Тоа ми го даде и сопствениот миг во кој се најдов за да ја напишам „Возови на смртта“. Што се однесува, пак, до начинот на нејзиното доближување до читателите, јас сето тоа го гледам преку непосредниот контакт со читателите, а тоа е најчесто промоцијата на новите книжевни изданија. Припаѓам на генерацијата што премногу читаше, во нашето време немавме т.н. социјални мрежи, интернет и слично и својата наобразба ја пронаоѓавме во читањето, за нас интернетот беше книгата. И верувајте, никаков интернет и никаква социјална мрежа не може да ја заменат книгата. Јас сѐ уште пишувам со наливно перо, односно со пенкало што самиот ти го полниш со мастило, тоа е еден посебен ритуал. Моќта на мастилото ми дава да се најдам во својот книжевен свет, затоа што хартијата и мастилото го поврзуваат човековиот ум со дејството внатре во една книга.

Вие сте единствен натуралист во македонската литература. Какво е трагањето и каков е литературниот пристап на натуралистите некогаш и денес?
– Растен сум со драмските дела на Ибзен, Стринберг, Зола, Чехов, Станиславски, Шекспир, Гете, во подоцнежниот книжевен развој со Ками, еве, од странските автори, но сум се обидувал да ги проучувам и нашите претставници од 19 век. Но во тој период Македонците не можеле да дојдат до израз, затоа што тогаш биле под ропство и влијание. Се наоѓале под духовно ропство, политичко и просветно. Додека во Русија, Франција, Скандинавија, Германија е изградена силна литература, кај нас тогаш започнуваат да се создаваат црковно-училишни општини, преку кои требало да се отфрлат обидите на бугарската и на грчката пропаганда. Тогаш во Македонија започнуваат просветителското движење и описменувањето на народот и конституирањето на државноста. Поради тоа, додека во другите држави се развивал натурализмот кај нас тоа не било можно. Натурализмот бил силен како литературен правец и затоа го потиснува реализмот и доминирал во последните децении од 19 век. Денес не се дефинираат литературните правци како во минатото. Сега сите сакаат да бидат писатели, поети и слично, и се обидуваат да го направат тоа, има хиперпродукција.

Редовен член сте на Академијата на науките и уметностите на Руската федерација и почесен член на Чувашката академија на науките и уметностите. Што мислите за МАНУ, дали оваа институција доволно се ангажира кога нашиот идентитет е во прашање?
– Митко Маџуков, Ѓорѓи Поп Атанасов, Зузана Тополинска, Ѓорѓи Старделов, Катица Ќулавкова, потоа своевремено Милан Ѓурчинов и Цветан Грозданов се покажаа како вистински Македонци, кои застанаа и ги бранат интересите на Македонија, народот, идентитетот и нацијата, јазикот. Другите академици молчат, а сите едногласно треба да застанат и да речат доста е со угнетувањето на македонскиот идентитет. Сите други молчат без цврст став, најверојатно плашејќи се да не си го растурат комодитетот.

Вашите дела се преведени на повеќе јазици, каков е одекот на читателите, но и на критичарите?
– Задоволен сум од тоа што можам да го слушнам и од читателите, а и од критиката. Јас имам едно правило, не печатам ни едно книжевно дело ако прво јас не сум задоволен од него, а потоа им го препуштам на рецензентите да го одредат квалитетот на напишаното. Нивниот суд ми е многу битен. Не сакам да се срамам со објавената книга, оти таа, кога ќе се објави, повеќе не е моја, туку на читателите, драмскиот текст е на публиката, а јас само сум ги напишал.

Вашата книга за деца лани ја доби наградата „Ванчо Николески“ од ДПМ. Што ве поттикна на тој креативен чекор?
– Еден ден, враќајќи се дома од патување, пред еден од влезовите во зградата каде што живеам седат на скалилата 7-8 дечиња, наведнати со главите играат со таблетите и паметните мобилни телефони. И тоа го гледав цела недела. Ниту да заиграат нешто друго, ниту да разговараат, едноставно, нурнати со главите во тие модерни технологии и ништо не гледаат. Мојата генерација имаше еден ред, колку време во колку часот ќе се излезе од дома и ќе се игра со другарите, кога ќе се земе ужинка, во колку часот требаше да се вратиме за да учиме, во мојата глава почна да ми се враќа идејата на дружбата на улицата. Сите имавме другари и пријатели, но не виртуелни. Потоа како што растевме, се трудевме вистинскиот пат да го одбереме преку книгата. Читавме, кој повеќе, кој помалку, но сите знаевме да рецитираме понекоја песна, стих, дел од некој расказ, роман. Така се роди идејата за детската пиеса „Мали детски разговори“, преку која не сакам да ги оттргнам децата од тој виртуелен свет, туку своето детство да го пронајдат меѓу своите другарчиња.

Работите ли периодов на некое дело?
– Наскоро од печат ќе излезат уште две мои книга. Едната е публицистико-монографска книга, која ја работев повеќе време, бидејќи истражував, а таа е насловена „Од аматеризам до професионален театар“. Посветена е на Охридскиот народен театар од античкиот период до денес. И уште една збирка песни „Време на самракот“, во која токму се пишува за затвореното карантинско живеење и за опседнатоста со коронавирусот. Рецензенти на оваа книга се Димитар Пандев и Славчо Ковилоски. Со овие две книги јас ќе имам вкупно 43 книжевни дела.