Мозаичарот Никола Упевче, кој е и конзерватор и реставратор, изработи мозаична мапа на Охрид и на Лихнид и се надева дека таа ќе биде поставена во истиот град на локацијата на реконструираните кули пред болничките цркви од плоштадот „Долна порта“

Никола Упевче, мозаичар

Неодамна завршивте со изработка на мозаичната мапа на Охрид и на некогашен Лихнид на која работевте повеќе од една деценија. Која беше почетната точка за нејзиното создавање и дали има можност таа да биде поставена во центарот на градот како што и планиравте?
– „Божествената светлина“ е уникатно место што плени со својата природна околина и со остатоците од многубројните култури што го формирале неговиот денешен лик. Човекот ја обликувал природата според своите сознанија и потреби, според своите мерки и пропорции. Идејата за мозаикот „Мозаична мапа на градот Охрид и Лихнид“ беше развиена во 2006 година со развој на апликацијата „Гугл еарт“. Целиот дизајн е направен во согласност со неговата база и географските координати. Мозаикот има карактеристичен поглед и ги претставува сите постојни патеки и патишта, со скали што водат низ карактеристичните архитектонски структури помеѓу денешните куќи, во кои се зачувани многу остатоци од археолошки локалитети.

Со подготовката на скици и цртежи, некои природни феномени, архитектонски градби и археолошки локалитети, географски и просторно се истакнуваат со употреба на позлатени смалти за да посочат на значајна точка на интерес од световниот и/или профаниот карактер на градот. Мапата е еден вид карта на закопаното богатство и се однесува на значајните археолошки наоди од јадрото на стариот град. Таа го визуализира преплетувањето на вековите во градот што сè уште живее. Со нацртите за мозаикот започнав во 2006 г. и се изведени на паус и хамер, а во почетокот на 2013 г. започнав и со неговото редење.

Од какви материјали е изработена?
– Употребувам природни материјали: разни видови камења, стаклени тесери (злато, сребро, и разни нијанси стаклена паста – смалти) од палетата на Ангело Орсони, Венеција, Италија; теракота, пигменти и друго. Карактеристична за овој мозаик е употребата на камчиња од два милиметри што се смета за специфична техника (микромозаик). На монументалниот микромозаик со димензии 3 х 2,5 метри ќе биде претставена слика на градот гледан од две перспективи: птичја (за да се претстават сите улички од стариот град) и жабја (на која истакнувам определени важни места за историјата на Охрид, културни споменици и локалитети). Охрид е еден од 35-те града во светот заштитени од УНЕСКО со своето природно и културно наследство. Годинава прославуваме 40 години од неговото впишување на листата на Светското културното наследство. Искрено се надевам и сум подготвен да го поставам мозаикот на локацијата на реконструираните кули пред болничките цркви од плоштадот „Долна порта“ и ја очекувам потребната поддршка од локалната самоуправа, како и од државата.

Оваа локација нуди добра визура кон и од езерото, со специјална илуминација и истиот тој ќе остава забележителен впечаток кај минувачите и посетителите. Самата позиција истовремено е еден од влезовите во стариот град. Мозаикот досега е презентиран на 13-та Конференција на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици во Барселона во 2017 година, на десеттата меѓународната изложба „Арте дел мозаико“, во Назано, Рим, во 2018 година, како и пред амбасадорот на Европската Унија, Семуел Жбогар, при посетата на Европската делегација на ателјето и галеријата „Упевче“ лани во јули, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и охридскиот градоначалник Константин Георгиески.

Во овој период на вонредна состојба во државата, на што успевате да работите од областа на конзервацијата и реставрацијата?
– Во овој период особено се сконцентрирав на проучувања на извештаите, како и на литературата за археолошките истражувања од минатиот век. Тука би сакал и да ги споменам имињата на некои од најревносните истражувачи на Охрид: Франце Месеснел, Никола Вулиќ, Димче Коцо, Васил Лахтов, Гоце Митески, Борис Чипан, Никола Бошале, Цветан Грозданов, Вера Битракова-Грозданова, Гордана Бабиќ, Гордана Цветковиќ-Томашевиќ, Иванка Николајевиќ, Тодор Паскали, Владо Маленко, Ѓорѓи Крстевски, Паско Кузман, Виктор Лилчиќ, Гоце Ангеличин-Жура, Михаил Палариет и многу други. Успеав да мапирам и да соберам огромен фонд податоци, документи, цртежи, белешки и фотографии од истите тие. Само во јадрото на стариот град Охрид се пронајдени, делумно истражени, конзервирани и презентирани, 16 објекти и 12 локалитети со мозаична декорација, а во околината на езерото има 25 локалитети, кои имаат огромен потенцијал за научни истражувања, и секако, за нивно туристичко претставување и управување.

Овој материјал е неисцрпен рудник, кој треба научно да се истражува од повеќе аспекти. Моја самостојна изложба со наслов „Мозаик колаж“ каде што ќе се претставам со оригинални дела, кои се изработувани во последните дваесетина години, како и со репродукции на дела изведени во разни делови од светот, е закажана за крајот на јуни и почетокот на јули оваа година во Куќата на Робевци во Охрид. Еден дел од просторот на изложбата ќе биде ателје-работилница каде што посетителите ќе можат да се запознаат со основните методи и принципи за изработка и каде што планирам да се изведуваат помали формати на мозаици од страна на заинтересираните. Се надевам дека со изложбата ќе ја доближам оваа интересна техника до јавноста.

Ве загрижуваат ли информациите за несоодветната состојба во која со години се наоѓа културното наследство во Охрид, заштитено од страна на УНЕСКО?
– Несоодветна состојба не е соодветен израз! Од почетоците на археолошките истражувања во регионот се направени исклучителни и значајни напори за зачувување и презентација на нашето културно наследство. Тука спаѓаат: првата интернационална соработка на конзерватори од Југославија и лица од Интернационалниот центар за истражување на конзервацијата и реставрацијата на културната сопственост на интервенциите на катедралната црква „Св. Софија“ во 1950-тите години, истражувањата на Поликонхалната ранохристијанска базилика во 1960-тите, која побуди интерес кај светски стручни лица (Дувал, Ходинот, Бабиќ, Томашевиќ…), кои се осврнаа на епископската катедрална базилика; 12-от Византолошки конгрес во 1961 г., одржан во Охрид; колекцијата на икони од Галеријата на икони; интервенциите за чистење на фрескоживописот на „Богородица Перивлептос“ од Здравко Блажиќ; проектот за возобновувањето на Климентовиот универзитет на Плаошник и придружните археолошки и конзерваторски истражувања од 1998 до 2011 г.; истражувањата на Гоце Ангеличин-Жура со книгите за многубројните пештерни цркви и мапирање на светите места и енории во Охрид во 2018 година и многу други истражувања и интервенции на културното наследство. Потребно е да се издигне свеста на жителите и на посетителите на ова место за вредноста на она што го имаме како квалитет, уникатност, посебен карактер. Само со внимание и должна почит истото тоа ќе го зачуваме и ќе го унапредиме.

Каква е тогаш, според вас, актуелната состојба со културното и природното наследство во градот и на што би требало да се посвети поголемо внимание за да се задржат постојните вредности?
– Во рамките на можностите што ги има нашата земја, потребни се организиран постојан мониторинг за состојбата во која се наоѓа културното наследство и поголемо инвестирање (финансиска поддршка) во директните интервенции за одржување на одредени значајни споменици. Охрид како дел од светското културно и природно наследство треба да има посебен статус и за неговото одржување да се грижат тимови од експерти од разни области, кои за задача и цел ќе го имаат зачувувањето на тоа наследство во изворна форма. Како потписници на меѓународни конвенции од областа на заштитата мораат да се почитуваат стриктни стандарди и посебно планирање на видовите интервенции. Особено значајно е да се истакне дека покрај спомениците на културата, многу е важно да се зачува и амбиентот во кој истите тие се наоѓаат. Регионот околу градот Охрид е музеј на отворено, овој атрибут треба да чува, вреднува и да се искористи.
Колекцијата на разновидни ендемични видови (флора и фауна) што живеат хармонично на овие простори, квалитетот и бистрината на водите од езерото со живиот свет во нив, како и разните културни слоеви од цивилизациите расфрлени околу него нудат особено доживување, кое е привлечно како за проучувачите така и за посетителите. Оваа можност мора квалитетно да се осмислува и да се искористува.

Како уметник, како го доживувате Охрид, каде што и живеете, во ова време без многу луѓе на вообичаените места? Што, и без намера, откривате ново во градот, но и кај себеси?
– Грижата и свеста на општеството за јавното здравје, за чистата околина, како и за себе и доброто на своите најблиски е од најголема важност и мора да биде приоритет за секого. Среде метежот на овој свет и нашето општење и идентификување со мноштвото, со толпата, можеме да го изгубиме своето јас, да се дезориентираме, да го изгубиме својот внатрешен човек. Денес, можеби како никогаш досега, е особено потребно повлекување во самотија. Посветувањето на самиот себеси и на најблиските во самотија е насушна храна за нашето внатрешно битие. Човекот пред сѐ има потреба да се социјализира, да гради колективитети и да биде општествено одговорен. Тажни се сликите на градовите без луѓе. Погледнете околу себе, на какви сѐ не подвизи биле подготвени, за што сонувале и какви траги оствариле многу наши претходници. Сето тоа допатувало со години и векови до нас. Се надевам дека ќе успееме да бидеме доволно грижливи за да го зачуваме споменот за нив и внимателно да помислиме што оставаме ние зад нас. Да внимаваме. Свеста за вредноста и важноста на секој избор што го правиме и секоја наша постапка го одразуваат овој миг во вечноста.