На ЕФТА го предавам предметот Историја на филмската музика и кога пред околу десет години почнав да се подготвувам, сфатив и увидов дека наспроти многубројната литература за светската филмска музика, за македонската постојат само неколку написи, вели Трајковски

Александар Трајковски, музички педагог и публицист

Македонската филмска публика вечерва ќе има можност да присуствува на промоција на книгата „Музиката во македонскиот игран филм: од ’Фросина’ до ’Лазар’“, првата обемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм, чиј автор е Александар Трајковски, музички педагог и публицист, кој своето образование го стекнал на ФМУ. Моментално е вонреден професор на универзитетот ЕФТА. Коавтор е на книгата „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при МНТ“, а е дел и од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо. Во моментот работи на дополнувањето на второто издание на монографијата за оперската примадона Милка Ефтимова.

Што ве поттикна да размислувате во правец на анализа на музиката во македонскиот филм?
– Првата причина е што оваа тематика воопшто не е истражувана. На ЕФТА го предавам предметот Историја на филмската музика и кога пред околу десет години почнав да се подготвувам, сфатив и увидов дека наспроти многубројната литература за светската филмска музика, за македонската постојат само неколку написи. Во истиот период размислував и за пријавување докторска теза и сакав таа да биде нешто ново и неистражено. Во тој потфат многу ме поттикна мојата менторка Ганка Цветанова, и така почнав да истражувам, да анализирам, да компарирам. Иако, од оваа дистанца, чинам дека и не бев доволно свесен во какво непознато море се впуштам.

Како се одвиваше процесот на истражување?
– Мошне интересно, долго, напати и заморно, без воопшто да се наѕира крајот, но истовремено и многу возбудливо. Па, фактот дека најпрво треба само да се изгледаат осумдесетина филма, а тоа е првиот чекор, кажува колку време беше потребно за сè што следуваше. Направив студиозна анализа на музичкиот материјал што е искористен во секој филм посебно, во однос на тоа дали станува збор за оригинален музички материјал на композиторите што е наменски компониран за одреден филм или, пак, се употребени цитати од македонската фолклорна ризница, духовната музика, цитати на веќе постојни песни од автори од домашната и светската музичка сцена. Го обработив и прашањето за функционалноста на музиката во секој филм, а ја разгледував и стилистиката со која се одликуваат музичките партитури. Ја анализирав употребата на иманентната музика (онаа чиј извор е видлив на платното), се посветив и на прецизирање на тоа со какви изведувачки состави е изведувана музиката и дали станува збор за употреба на инструментална, вокална или вокално-инструментална музика, а ги евидентирав и сите изведувачи.

Во книгата се вметнати и повеќе интервјуа и една анкета. Со каква цел?
– Во книгата има и 22 интервјуа, кои специјално за ова истражување ги направив со режисерите на македонските играни филмови и композиторите на музичките партитури. Значи, не станува збор за нивни изјави дадени во други пригоди, туку наменски интервјуа, во кои тие зборуваат за настанувањето на нивната соработка, музичките теми, инспирацијата при создавањето на звучната компонента на филмовите. Овој дел за читателите ќе биде особено интересен. Специфика на самата книга е и нејзиниот последен дел, во кој е дадено мислењето на публиката. Преку анкета на 200 испитаници се обидов да најдам одговор за тоа кој филм најмногу им останал во паметење на гледачите по својата музика и која филмска музичка тема е најпопуларна.

Дали постои разлика во пристапот на кој се создава филмска музика во светот и кај нас?
– Не постои разлика. Па, дел од нашите композитори создавале музика за филмови од странски продукции, а исто така голем број странски композитори, твореле за македонскиот филм. Единствената разлика што ја гледам е во бројот на создадени дела. Нашата продукција е многу помала во однос на оние од земјите од Европа и светот, но затоа, во однос на квалитетот, не заостануваме.

Колку навистина кај нас наменски се компонира филмска музика?
– Со задоволство можам да констатирам дека заклучокот од анализата оди во прилог на онаа првата, што само говори за автентичноста и оригиналноста на целокупното филмско творештво.

Дали филмската музика го добива заслуженото внимание кога станува збор за домашна продукција?
– Дискутабилно е. И не би можел да дадам конкретен одговор. Секогаш може и повеќе и подобро, во однос на заслуженото внимание. Што се однесува до интересот, ме радува фактот дека сè повеќе млади музичари се зафаќаат со работа во овој жанр, поради тоа што тој нуди простор за многу начини и форми на креативно изразување.