Писателот и новинар Мухарем Баздуљ, чиј роман „Последниот маж“ беше претставен неодамна на Белградски саем на книгата, смета дека дневнополитичкиот јазик во Србија е затруен, суштински лажлив и превртлив, додека во културниот сектор вредносните тенденции многу поискрено се искажуваат

Познатиот српски и босанскохерцеговски писател, новинар и преведувач, Мухарем Баздуљ, кој на неодамна завршениот Белградски саем на книгата го претстави својот нов роман „Последниот маж“, во интервју за „Данас“, говорејќи за книжевноста, за новинарството, за актуелните општествено-политичките процеси, меѓу другото изјави дека дилемите што се наоѓаат пред Србија полесно се читаат низ искрите што понекогаш блеснуваат на културното поле, отколку низ партиските судири во парламентот или во медиумите.

– Романот „Последниот маж“ во одредена мера е футуристички, се случува во текот на 2027 година, со флешбекови што одат наназад до 2020 г.. Во него се замислува свет сличен на нашиот, но со една голема разлика. Во тој свет веќе не се раѓаат машки деца. Тоа е во некоја рака дистописка визија на светот без синови. Мислам дека денес апсолутно сѐ води кон дистопија. Често ми се причинува дека е пологично нашиот свет да е плод на фантазијата на некој сценарист – наклонет кон трагична сатира, отколку што е стварност. Практично сѐ што нѐ опкружува ја повикува дистопијата – смета Баздуљ.

Тој укажува дека во оваа негова нова книга читателот наидува на индиректна критика на стварноста нагласувајќи дека во неа нема научнофантастични елементи на начин на кој тие се појавуваат, на пример, кај Асимов, Артур Кларк или Роберт Шекли.

– Тоа не е во таква смисла жанровски роман. Тој е, како во онаа дефиниција за романот на Кундера, пример на истражување на постоењето. Поместувањето во иднина ми беше нужно за да можам колку-толку да опишам како во среднорочна рамка се менува светот кога ќе се случи нешто што изгледа неверојатно. Една од најголемите убавини на книжевноста, без разлика дали сте писател или читател, е можноста да побегнете од себе, да застанете, како што се вели, во туѓи чевли. Во таа смисла, сакам да пишувам од женска перспектива, и некои од, за мене, најсаканите приказни што сум ги напишал, во книгата „Волшепства“, да кажеме, се пишувани во прво лице во женски род. Во „Последниот маж“ тоа е поразлично, бидејќи романот е пишуван во трето лице, иако главната хероина, која е и фокализатор, е жена. Ми се чини дека во оваа книга морате приказната да ја раскажете од женска перспектива, како што и приказната за последниот човек, ако веќе се држиме до жанровските конвенции, би требало да ја раскаже андроид – вели писателот.

Запрашан дали оваа негова книга ја допира рамноправноста на половите, дали е дојдено до еднакви права во општеството и на што во тој правец ова негово дело укажува, Мухарем Баздуљ ќе посочи дека низ целиот роман се провлекува историјата на борбата за рамноправност на половите и низ различни призми се набљудува како таа идеја е спроведена, односно како воопшто е можно да се спроведе.

– Мојата книга е роман, па не дава никакви експлицитни рецепти, но на едно ниво, макар и шеговито, се сугерира дека светот можеби би бил подобро место кога воопшто не би ги имало мажите. А ако ме прашате како граѓанин, и ако прашањето се однесува на Србија или на нејзините соседните земји, јасно е дека тука, кога станува збор за правата на жените, се доцни во однос на развиениот западен свет, наспроти симболичните потези каде што жените евентуално преземаат некои од водечките политички функции и слично – вели Баздуљ. Говорејќи, пак, за статусот на новинарството и книжевноста во Србија, тој истакнува дека сите се сведоци дека новинарството минува низ тешки денови. Писателот и новинар укажува дека пишува за весници од 1996 година, за српски и белградски од 2003 година, и без никаква театрална апокалиптичност, според неговото досегашно искуство, смета дека состојбата никогаш не била полоша.

– Сериозното новинарство во печатените медиуми, а таквите медиуми се, според моето мислење, ’рбетот на севкупната медиумска сцена, практично е на смртна постела. За да се одговори на што е последица тоа би ни била потребна цела книга, но можеби ниту цела една книга не би била доволна. Малку со тоа се занимавав во мојот претходен роман „Квадратен корен од животот“, во кој главниот јунак е новинар. Тој мој јунак, кој сиот професионален живот го посветил на новинарството, на едно место вели: „Ќе преживеат таблоидите и партиските билтени, како што и апокалипсата ќе ја преживеат лебарките и стениците, но весници ќе нема“. Ми се чини дека сме многу блиску до реализација на таквото сценарио. Новинарите и уредниците тука не се најголемите виновници, но не се ни сосема невини. Ако сопствениците на весници сѐ му подредија на профитот, па сериозното новинарство настрада во таа калкулација, кај новинарите и уредниците се случи комбинација на потценување на публиката и целосно подлегнување на вирусот на интерактивноста, па куп новинари повеќе време, труд и енергија трошат на емотивно-моралистички статуси на општествените мрежи, отколку на текстовите што ги пишуваат – вели Баздуљ.

Тој го опишува статусот на културата во Србија како стабилно маргинален, не мислејќи дека тоа е до крајност лошо.

– Од таа своја маргинална позиција, културата во многу нешта служи како лакмус-хартија на севкупните општествени движења и како авангарда на судирите што се пред нас. Дневнополитичкиот јазик е затруен и тешко проѕирен, суштински лажлив и превртлив, додека во културниот сектор вредносните тенденции многу поискрено се искажуваат. Поради тоа културата кај нас сѐ уште е важна, колку и да е сиромашна, ако не сте миленик на властодршците или на управителите со странските фондациски пари – вели меѓу другото Мухарем Баздуљ.