Сѐ уште сме култура без слух за своето

Габриела Стојаноска-Станоеска, уредничка на „Стремеж“

Писателката Габриела Стојаноска-Станоеска досега ги има објавено збирките раскази „Гола“ (2007) и „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) и научната студија „Кусиот расказ и сонот“ (2018). Наедно таа е и уредничка на списанието „Стремеж“. Вели дека ја инспирираат книжевноста и животот, дека пишува и чита за она што ѝ причинува задоволство на душата, се предизвикува себеси да оди колку што може подалеку и подлабоко во името на својата вистина.

Во еден расказ велите: „Не заборавај ја моќта на зборот“. Колку верувате во тоа?
– Низ младешките грижи и радувања, а и низ подоцнежните животни предизвици, трепети, вознемири, премрежиња, трајни загуби на драги луѓе минував и минувам со помош на зборот. Порано со дневник и песни, сега со раскази. Има да ја извадиш таа тежина без планина или недоопислива милина што без чувство ме налегнала оти не можам да дишам. Кога е на лист, веќе е друго, речта има доволно пространства за да вдоми во својот автономен, паралелен свет и туѓи врвови и бездни, а заедно полесно се носи сѐ. Во овој тежок период на неочекувана светска пандемија, човештвото го чува своето ментално здравје преку зборот. Остануваме во физичка самоизолација дома, но се поместуваме и се враќаме од мртвите точки на отуѓеноста кон срцевината на човекувањето. Далеку е, ама се движиме.

Авторите се и читатели, какви се вашите барања од книжевноста како читател?
– Посакувам да ѝ се вратат на книжевната уметност, животот, човекот и светот во нивната целост. Книжевноста треба да ги извади чизмите со кои ги настегувала темите во калта на табуата, маските со кои си го чувала чистиот воздух во стаклениот замок, да си ги тргне штипката од носот и фините ракавици, да биде начисто со сето свое, да си верува и да му верува на светот, на човекот. Целиот свет без исклучоци е создаден за да влезе во некоја убава книга.

Книгата „Кусиот расказ и сонот“ е ваш магистерски труд. Зошто токму расказот и сонот ги избравте за книжевно-научно истражување и како се одвиваше тоа, дали беше тешко?
– Споив две свои стари љубови, расказот и сонот, со некои од омилените автори и критички методи и уживав. Кога одбирав на што ќе работам, важно ми беше тематиката да ме влече како магнет, а не јас неа. Се решив за расказот бидејќи во тој период пишував само раскази. Во еден момент, додека размислував на каков вид раскази да се насочам, сама од себе ми блесна темата за сонот. Отсекогаш сонувам километарски, филмски соништа, им ги раскажувам на блиските, читав соновници порано, а „Толкување на соништата“ на Фројд ми беше вистинско откритие и еден период водев и дневник на соништа. Расказот е толкување на светот и животот, а сонот е толкување на животот на личноста што сонува и на светот во кој таа живее. Освен тоа, заедничка им е и краткоста. Од тие пресечни точки тргнав да им ги откривам допирите по имагинарните грбови со кои се потпираа во едни од најубавите прозни текстови на реномираните македонски автори: Влада и Тања Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Јадранка Владова и од најмладата генерација – Ѓорѓи Крстевски.

Како наставничка по македонски јазик, кажете ни дали учениците читаат?
– Од вкупно стотина ученици во одделение на кои им предавам, две третини читаат. Многумина од нив убаво се изразуваат писмено, се разбира соодветно на возраста. Ги препознавам и малите идни творци, кои вљубувајќи се од книга во книга, сѐ повеќе мечтаат и веќе планираат своја. Ним им препорачувам да водат дневник затоа што секојдневното пишување ќе им даде полет на мислата, спонтаност и сигурност на внатрешниот глас, кој допрва ќе си го откриваат. Дневникот е корисен, здрав и забавен за сите, па во овој период моите ученици имаат задача да пишуваат карантински дневник по примерот на лектирата „Дневникот на Ана Франк“. Ако наставникот си го сака предметот не може неговото воодушевување од книгите или од која било наставна содржина да не допре до детето, колку и да е ниска неговата подготвеност.

Главна и одговорна уредничка сте на списанието „Стремеж“, имаме ли млади квалитетни автори и книжевна критика?
– Клише е да речам дека сме расадник, ама навистина имаме одлични автори во сите генерации, па и меѓу најмладите. Не би спомнувала имиња затоа што не сакам да испуштам некого. Важно е што нивните естетските достигнувања го имаат квалитетот на актуелните светски автори со чии дела сме во постојан дијалог. „Стремеж“ отсекогаш бил и ќе биде отворен за младите пишувачи и во неговото 66-годишно постоење на своите страници ги собрал првите творби на сите наши повеќе или помалку афирмирани автори и академици. Но генерално земено, мала е медиумската и целокупната општествена заинтересираност и за младите автори и за уметноста воопшто. И за книжевните списанија, кои можат да се избројат на една рака и се оставени од Министерството за култура на жабри и со ентузијазам да им носат кислородот на текстовите, прашање е до кога ќе имаат сили да го положуваат тестот за преживување. Македонското книжевно творештво нема услови адекватно да се презентира за да ги привлече читателите. Сѐ уште сме култура што нема слух за своето.