Историјата на музиката го запознала Албан Берг (1885-1935) како еден од најталентираните ученици на Арнолд Шенберг (1874-1951). Но неговото творештво било премногу значајно за да остане во сенката на професорот. Берг, не сакајќи да се приклони кон стилот на компонирање на неговиот професор (најнапред внесувајќи многу поголема еластичност во музичкиот израз) изградил сопствен јазик, препознатлив по смислата за претставување на животната драматика, по сочувствителноста и емотивната снага, по реалистичното прикажување на убавите и грубите страни на животот.

Неговото најпознато дело, операта „Воцек“, е приказна за суровоста на животот. Текстот, базиран на драмата на Георг Бихнер (1813-1837), а напишан од Берг, само ја дополнува музиката и заедно со неа реалистично го опишува војникот Франц Воцек. Сиромашното егоистично момче е преполно со злоба и нагони за злочин, кои на крајот го водат во смрт. Воцек се пријавува во војска за да избега од сиромаштијата, но таму, како обичен војник, е малтретиран од претпоставените. Згора на сѐ и војничкиот лекар го користи за своите медицински експерименти. Единствената светла точка во животот, љубовницата Марија, го изневерува, подавајќи му се на друг. Воцек полудува од бес и тага, ја убива Марија со нож и потоа се дави во блиското мочуриште.

Берг ја пишувал операта од 1917 до 1921 година. Праизведбата се одржала во 1925 година, во берлинската државна опера, по точно 137 проби. Публиката со нем восхит и збунетост ја следела потресната социјална драма што се одвивала на сцената. Искреноста и снагата на тешката приказна за животот на Воцек никого не оставила рамнодушен. Со користењето смели и невообичаени дисонанци, со анархичната атоналност, со густата оркестрација – на моменти повеќе симфониска отколку оперска – тегобноста била мултиплицирана. Истовремено се развивало необично возвишено чувство на привилегија да се биде таму и да се посведочи премиерната изведба на ова ремек-дело на музичко-сценскиот експресионизам.

Лада Шоптрајанова Петровска