Струга задутре по 58- ми пат ќе стане сцена на една од најголемите и најпрочуените културни манифестации во земјава, но и пошироко – поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Во годинашното издание ќе учествуваат 32 странски и 30 домашни поети, програмата на фестивалот има 52 настани, а покрај Струга како град-домаќин, каде ќе се одржат најголем дел од настаните, поетите во рамките на програмата „Поезија на пат“ ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и Скопје.

Фестивалот годинава ќе понуди на учесниците и публиката неколку новитети. Најпрво, фестивалот ќе стане четиријазичен – покрај на македонски и англиски, главните читања на фестивалот ќе бидат и на албански и француски јазик. Најголемиот дел од настаните ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот канал на „Јутуб“. За главните фестивалски настани – Гала-отворањето и за затворањето на фестивалот ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга, а по завршувањето на настанот, ќе има враќање истата вечер.

Автор на годинашната „Поетска порака“, која ќе биде прочитана на церемонијата на отворањето на фестивалот е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

Фестивалските настани почнуваат в среда во 10 часот со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2019 година, славната романска поетеса Ана Бландијана. Потоа во 12:30 часот во Конгресната сала на хотелот „Дрим“ ќе се одржи прес-конференција со лауреатката Бландијана.

Гала-отворањето на „Струшки вечери на поезијата 2019“ ќе почне во 20:30 часот на платото пред Центарот за култура. Половина час подоцна на истото место ќе почне поетското читање „Поетски меридијани“.

Програмата следниот ден, 22 август 2019 година, ќе продолжи во 10 часот во хотелот „Дрим“ со Портрет на Зоран Анчевски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година.