Како и секоја година, во рамките на конференцијата ќе бидат одбележани јубилеите на македонските творци: Властимир Николовски (95 години од раѓањето), Томислав Зографски (20 години од смртта) и Томе Манчев (70 години од раѓањето)

Годинашното издание на „Струшка музичка есен“ годинава ќе се одржи на темата „Музиката во/низ просторот и времето“, од утре до 27 септември, во хотелот „Дрим“ во Струга. Вака широко поставена, темата создава можност за дијалог со музичкото творештво создавано во поблиското и во подалечното минато. Потрагата на музиколозите по музичкото творештво од минатото може да прерасне во продолжителна нишка и инспирација на музичките творци од генерациите што следуваат.
– Овој широк дијапазон на процеси во развојот на музичката уметност од разни временски периоди зафаќа и актуелни прашања од музичката современост, како што се: формите на музичкото образование, влијанието на одредени школи, правци и тенденции во музичкото творештво, корелацијата со другите уметности, квалитетот на музичките содржини и стилските карактеристики на нивните изведби и др.

Начините на чување на музичките оставини на композиторите, формите и методите за реконструкција на творештвото на музичките уметници, заштитата на музичкото културно наследство се исто така дел од овој развоен процес на музичката уметност – велат од Сојузот на композиторите на Македонија, кој е организатор на конференцијата.

Во оваа насока конференцијата промовира истражувања и оригинални пристапи за досегашните достигнувања и идни текови на музичката култура, во областите на: медиевистиката преку осврти кон ракописите и печатените изданија на македонски црковно-музички дејци; музикологијата и претставувањето на животот и делата на македонските композитори, музичкиот живот во Македонија и употребата на архивски практики при обработката на творештвото на македонските композитори; етномузикологијата со презентација на трудови, кои се однесуваат на фолклорната традиција во Македонија, анализа на музичките дела, употреба на композиторски техники, хармонија, музички форми…
Како и секоја година, во рамките на конференцијата ќе бидат одбележани јубилеите на македонските творци: Властимир Николовски (95 години од раѓањето), Томислав Зографски (20 години од смртта) и Томе Манчев (70 години од раѓањето).