Голем број стручњаци и студенти од Македонија, Германија, Словенија, Шпанија, Франција, Чешка, Србија и од Швајцарија вршат истражувања на локалитетот Врбјанска Чука, Прилепско. Истражувањата се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп и Институтот за старословенска култура – Прилеп, кои веќе неколку години даваат одлични резултати.

– Покрај ископувањето на археолошките сонди, кое е во тек, истражувањата се концентрирани на студиска обработка на архитектурата, садовите, фигурините и алатките, како и на лабораториските анализи на животните, растенијата, хронологијата и исхраната, но исто така и на геомагнетното скенирање на тумбите во непосредната близина на Врбјанска Чука. Главната цел на овие истражувања е да се разберат општеството, природната околина и верувањата на првите земјоделци што ја населиле Пелагонија околу 6.000 година пр. н.е. Добиените резултати ќе се публикуваат и презентираат во повеќе домашни и странски списанија и конференции, на тој начин етаблирајќи ја специфичноста на неолитското културно наследство во Македонија меѓу врвни светски стручњаци за предисторијата – вели Гоце Намов, раководител на проектот.

Археолошкиот локалитет Врбјанска Чука се наоѓа кај селата Славеј и Врбјани во северниот дел на Пелагонија. Тоа е тумба што се извишува над околниот регион, на тој начин овозможувајќи ѝ на неолитската заедница безбедно место за формирање населба. Ова неолитско село го изградиле првите земјоделци што го населиле овој регион пред осум илјади години, односно во времето кога првпат се почнало со повеќе стопански и духовни новини, како што се припитомувањето на домашните животни, култивирањето на житата, градењето куќи од земја, изработката на керамички садови и на глинени човечки и животински фигури…

– Поради својот специфичен карактер, локалитетот е истражуван во 1980-тите години, а со нови мултидисциплинарни истражувања се почна во 2016-та година, кои се во тек. При истражувањата се откриени седум неолитски објекти со големи глинени структури (амбари) од единствен вид во Македонија и пошироко, како и извонредно изработени садови, енигматични фигурини, фасцинантни антропоморфни модели на куќи, загадочни жртвеници, детално изработени алатки итн. – објаснува Наумов, додавајќи дека станува збор за исклучително значаен објект.

Инаку, стариот жртвеник, кој е во археолошката поставка на прилепскиот музеј, е откриен во овој дел каде што сега се вршат истражувањата.