Толковниот речник на македонскиот јазик, кој има шест тома и содржи толкувања на вкупно 100.000 збора, конечно го доби своето електронско издание. Со неговото излегување од печат пред неколку години се заокружи можеби најзначајниот проект во македонската наука за јазикот

Одбележан 5 Мај – Денот на македонскиот јазик

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, во рамките на манифестацијата „Годината на Конески“.
– На овој светол датум, во оваа значајна година за нас и за УНЕСКО – 100 години од раѓањето на македонскиот великан со светско реноме Блаже Конески, го промовираме електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик, кое е дело на 21 автор. Електронското издание на Толковниот речник ќе може бесплатно да го користат сите граѓани и сите проучувачи и почитувачи на македонскиот јазик. Ова е подарок од Владата, од Министерството за образование и наука и од авторите и од Институтот за македонски јазик до граѓаните – порача Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Снежана Велковска е главна редакторка на електронското издание. Како што истакна таа во една пригода, Толковниот речник на македонскиот јазик има шест тома и со неговото излегување од печат пред неколку години се заокружи можеби најзначајниот проект во македонската наука за јазикот.
– Се работеше цели 14 години, во шест тома, со вкупно 100.000 збора. Речникот покажува дека македонскиот народ има богата лексика. Оваа публикација е капитална по многу нешта, пополнува голема празнина во македонската лексикографија и, најважно, јазичното богатство вметнато меѓу кориците на овој речник покажува колку е единствен и поинаков нашиот јазик од другите.

Во речникот може да се најдат многу зборови на кои малку сме подзаборавиле, но и многу актуелни во сегашниов миг, како и различни толкувања од претходните лексикографски изданија, бидејќи во меѓувреме дошло до промена на статусот на тие лексеми, во нивните значења или во употребата – рече Велковска по излегувањето на последниот том пред неколку години.
Ваквиот тип речници се многу важни за секоја нација, бидејќи го покажуваат не само богатството на еден јазик туку и многузначноста на зборовите. Самиот термин толковен или, поинаку кажано, дескриптивен, значи дека во речникот зборовите се толкувани на македонски јазик. Науката за јазикот одамна го има апсолвирано заклучокот дека никој не може со сигурност да знае колкав број зборови користат луѓето што меѓу себе се разбираат на некој јазик, но толковниот речник е некаков показател за тоа. Речникот е проектиран на 100.000 збора, што значи дека е од среден обем, но тоа никако не значи дека македонскиот јазик има 100.000 збора, туку дека е избран ваков обем поради условите во кои е работен. Во науката за јазикот, поточно во лексикографијата, речниците се делат на мали, средни, големи и тезауруси, кои ги содржат сите зборови што ги има еден јазик.
Овој проект е од огромно значење, особено што токму сега идентитетот, изразен пред сѐ преку јазикот, е најактуелен и најгорлив проблем и највисок приоритет за опстојување на државата, па дури и на нацијата.