Во објектот „Даутпашин амам“ е отворена изложбата со наслов „70 години од првата национална поставка“ (1951-2021), изложба организирана по повод 70 години од свеченото отворање на првата поставка во Националната галерија.
На изложбата се застапени повеќе од 100 автори, со околу 150 ликовни дела (слики, акварели, цртежи, графики и скулптури), подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година.

– Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот што тогаш ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески и Никола Мартиноски), Комисијата за откуп на ликовни дела, чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски, и на државните институции што несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија – информираат од Националната галерија.
Во овој период се направени трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција: „Даутпашиниот амам“ е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија.
– На свеченото отворање на Галеријата, на 2 август 1951 година, биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви.

Погледот кон периодот на почетоците од формирањето на првата поставка во тогашната „Картина“ или „Уметничка“, а денес Национална галерија на Македонија, навидум временски краток, но долг и богат, професионално претставува потсетување за вложениот напор, но и на резултатите што се за почит и никогаш не треба да бидат заборавени – дополнуваат од Националната галерија.
Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова.