Единаесеттото издание на „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 26 август во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотеката, а ќе биде посветено на звукот и тишината. Фокусот се става на поезијата во филмот – дизајнот на звук. Мото на фестивалот е „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на Ацо Шопов од 1955 година, па „Македокс“ нема да има официјално отворање, а утревечер ќе се одржи едночасовно „слевање со тишината“ во „Куршумли-ан“ без филмска проекција, а според годинашното мото.
Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание, ќе има проекции и настани во живо на отворен простор и настани што ќе се одржат онлајн. Поради пандемијата, годинава нема гости од странство, но голем дел од авторите на филмовите на фестивалот ќе присуствуваат виртуелно.

Постерите за годинашното издание прикажуваат микроскопски фотографии од кромид, симболот на „Македокс“, а нив ги изработи Самир Карахасан. Фестивалската програма ќе биде отворена на 19 август со проекција на документарните филмови „Спиењето на Макс Рихтер“ за композиторот Макс Рихтер и „Зборувај за да те видам“, портрет за Втората програма на белградското радио.
Селекторката Петра Селишкар најави дека оваа година на „Македокс“ се враќаат автори како Џон Апел, Хуберт Саупер, Томас Балмес и Младен Ковачевиќ. Филмови во главната програма се: „Епицентар“, „Испеј ми песна“, „Кога прашината ќе слегне“, „Колектив“, „Нашата временска машина“, „Само ѓаволот живее без надеж“, „Светиот татко“, „Спиењето на Макс Рихтер“, „Среќен Божиќ Јиву“ и „Фатени во мрежа“. Во категоријата „Нови автори“ има десет остварувања, а ќе се одржи премиера и на македонскиот документарец „Професорот“ на Јордан Дуков.

Програмата на кратки документарци содржи 15 наслови, а радува фактот што годинава пристигнале голем број остварувања на автори од регионот. Во рамките на оваа програма премиерно ќе бидат прикажани два македонски филма „Нејзиното семејство“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски. Студентската програма содржи 14 наслови.
Земја во фокус е Кралството Холандија и во програмата се шест нови документарни остварувања. По премиерата на документарниот филм „Кога прашината ќе слегне“ холандскиот режисер Џон Апел на 22 август онлајн ќе одржи и мастер-клас.