По значајните откритија од мермер

Стибера е македонската Помпеја, вели археологот Душко Темелкоски, раководител на проектот за истражувањата на локалитетот Стибера, кај Чепигово, Прилепско, кои завршија деновиве, а се финансирани од Министерството за култура. При истражувањата, екипата од прилепскиот Завод и музеј откри вредни археолошки наоди од мермер, мермерен жртвеник ара, посветен на богот Хермес, како и биста на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел на средината на 2 век од нашата ера. Наодите се значајни и вредни и го потврдуваат значењето на локалитетот Стибера.
Годинашните истражувања се трета фаза на ископувања на просторот веднаш до храмот на заштитничката на градот, Тихе.
– Се констатира дека на овој простор се простирал дел од агората на римскиот град Стибера. Агорите, како големи плоштади во античките градови, биле средиште на економскиот, религиозниот и социјалниот живот на луѓето. Покрај другото, агората претставувала и пазар, место каде што граѓаните вршеле стоковна купопродажба. Со истражувањата всушност е откриен, така да го наречеме, административниот дел од агората во Стибера. Подот бил поплочен со мермерни и гранитни плочи, додека централно бил изграден ритуален бунар, околу кој се одвивале разни религиозни активности. Просторот бил заграден и покриен и според зачуваните остатоци од ѕидовите имал речиси квадратна форма со димензии 13 х 13 метри – објаснува археологот Темелкоски.
Секако, најзначајно е откривањето на неколку наоди од мермер, кои биле поставени покрај или вградени во внатрешниот источен ѕид. Откриен е мермерен жртвеник ара, посветен на богот Хермес. Овој бог бил заштитник токму на трговците, па затоа е логично што бил поставен во агората, односно пазариштето. Најрепрезентативен наод претставува бистата на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел во средината на 2 век од нашата ера. Тоа е време на најголемиот процут на градот, односно благосостојба на територијата на целото Римско Царство. Кога Фаустина релативно млада починала во 140 година, императорот ја прогласил за дива, односно човек божество. Во годините што следуваат, во нејзина чест, насекаде во царството се подигаат комеморативни бисти со нејзин лик. Бистата од Стибера била поставена на постамент во ниша што била луксузно декорирана со флорална орнаментика. Таа, според извонредната изработка, претставува можеби најрепрезентативниот пример на познатата работилница на мермерни скулптури во градот.

– Во агората во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија – вага, односно тука било местото каде што била верифицирана тежината на овошните плодови, зеленчукот и житарките што се продавале. Другата маса претставува редок наод, за првпат откриен во Република Македонија. Тоа е таканаречена мерна маса за верификација на количествата на течните продукти (млеко, вино). На масата има издлабено осум реципиенти, со различни пречници и длабочини и со отвори на дното, каде што истекувале течните продукти. Количествата што се верификувале се 10, 5, 3, 2 литри, 1 литар, 700, 300 и 150 милилитри. Вакви мерни маси, но во фрагменти, се пронајдени во Италија, Грција, Турција и во Израел. Според зачуваноста, нашата мерна маса се споредува со онаа од Помпеја, која била покриена со лавата по ерупцијата на вулканот Везув. На фронталната страна на овие маси обично имало врежан натпис, каков што има и масата од Стибера. Според натписот, кој го прочита класичниот филолог Весна Калпакоска од Битола, службеното лице на агората, агораномот со име Ајлиј Химнос, во 289 година од т.н. македонската ера, односно 142 од нашата ера, донирал свои средства за поставување на мерната маса – вели Темелкоски.
Веднаш по завршувањето на археолошките истражувања, архитектот Кире Јованоски извршил конзерваторски анализи за да може следната година да започне со реконструкција и конзервација на откриениот дел од агората во Стибера.
По неколку кампањи на конзерваторски активности, како што посочува Темелкоски, се надева дека ќе се добие уште една репрезентативна градба покрај храмот на заштитничката на градот, Тихе.
Заживувањето на античкиот урбан центар на областа Дериоп, Стибера, како значајна туристичка дестинација, го заслужуваат жителите на блиското село Чепигово, кои се гордеат со неа и несебично помагаат при реализацијата на археолошките истражувања.