Писателот Стефан Марковски е македонски претставник на годинешното издание на програмата „Други зборови“ во шпанскиот град Сан Себастијан, од 10 август до 1 октомври. Во рамките на резиденцијалниот престој, Марковски ќе го претстави своето творештво пред баскиската публика и ќе создаде кратко книжевно-уметничко дело, кое ќе биде преведено и објавено на неколку европски јазици.

Целите на програмата се состојат во промоција на соработката помеѓу авторите и книжевностите од различни јазични средини од релативно помал и регионален карактер.
Стефан Марковски е наградуван современ македонски писател, поет, сценарист и филозоф, автор на романи, збирки раскази, поетски книги, филозофско-есеистички дела и сценарија. Неговите дела се објавени на неколку јазици. Главен и одговорен уредник е на литературното списание „Современост“ и е уредник на поетските збирки „Метрички карван“.