Во „Сули-ан“ вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде претставено второто издание на проектот „Стар современ град“. Годинава во него учествуваат младите музичари: Благоја Алачки, Михаил Грујоски, Александар Бошков, Влатко Пате, Кики Пецовска, Ана Мицевска и Михаела Атанасовска, кои ќе одржат концерт вклопен во интерактивна инсталациска поставка, со придружба од танчари од „Скопје танцов театар“. Зад визуелниот уметнички аспект на проектот стојат Јана Деловска и Дамјан Илиќ, а негов идеен и концептуален автор е младиот уметник Матеа Мијановиќ, кој со „Стар современ град“ му вдахнува современ дух на споменикот на културата, „Сули-ан“, едно од обележјата на Старата скопска чаршија.