Архитектот Анџело Рена, роден во Фиренца, ја сподели својата идеја да го претвори легендарниот стадион „Сан Сиро“ во место на комеморација во спомен на жртвите од ковид-19. Во Италија, за време на пандемијата на коронавирусот, загинаа речиси 35.000 луѓе и градот Милано беше еден од главните жаришта. Со веќе планираното рушење на фудбалскиот стадион, кој првпат е изграден во 1926 година, овој проект има цел да ја спаси структурата, каде што ќе се паметат оние што, за жал, ги загубија своите животи од ковид-19.
Анџело Рена предлага трибините да се претворат во зелени тераси и да се насадат 35.000 италијански чемпреси покрај новите потпорни sидови. Чемпресот е вообичаено украсно дрво што се одгледува со милениуми низ целиот медитерански регион. Темнозелената вертикална форма е карактеристична за гробиштата и за светите простории, како симбол на бесмртност или амблем на животот по смртта. Сложената и густа круна на чемпресот обезбедува и живеалиште за птици, верверички, гуштери и многу други животни.

Проектот предлага и комплетно уривање на покривот за да се овозможат природна светлина и дождови, додека, пак, под трибините ќе бидат поставени нови програми како: музеј, истражувачки центар, ателјеа за студенти и истражувачи. На дното на теренот ќе овозможи да се собира дождовница, создавајќи водни зони, додека, пак, водата ќе се собере во подземни резервоари и ќе се користи повторно за наводнување и за чистење. Во случај на обилни врнежи од дожд, водните зони ќе се поплават, поддржувајќи ја биолошката разновидност на различни видови флора и фауна.
Со речиси 80.000 места, „Сан Сиро“ е еден од најголемите и најважни стадиони во светот. Архитектот Улизе Сачини дизајнирал приватен стадион само за фудбал, без патеки за атлетика, што ги карактеризирало италијанските стадиони изградени во тој период. Од 1948 до 1955 година, инженерите Армадо Ронка и Феручио Калцолари го развија проектот за второто продолжување на стадионот, со што се зголеми капацитетот на 60.000 седишта и 25.000 места за стоење.