Руската влада го одобрила договорот за отворање на културен центар на Србија во Москва, чија основна задача, како што пренесе белградски „Данас“, треба да биде реализацијата на програмата за билатерална културна и научно-техничка соработка.

Станува збор за одобрување на проект за разбирање меѓу владите на Руската Федерација и на Република Србија за основање и за услови на работа на културно-информативни центри во двете земји. На руското Министерство за надворешни работи му е наложено да одржи преговори со српската страна и по постигнувањето на договор да потпише документ за разбирање во име на Владата на Русија. Реципроцитетно, руската страна треба да основа руски центар за наука и култура во Белград, а српската страна културен центар на Србија во Москва.

Во согласност со документот објавен на порталот на руската влада, рускиот центар во српската престолнина ќе биде правен наследник на културниот центар на СССР, односно на Русија, а српскиот центар ќе биде отворен по прв пат. Основни задачи на културните центри треба да бидат реализација на билатералната хуманитарна, културна, научно-техничка соработка, поддршка на дијаспората, помош за изучување на јазиците, развој на меѓурегионалната соработка.