Дигитални графики на Билјана Билбилоска во Кинотека

По неодамнешната самостојна изложба во Тетово, македонската уметница Билјана Билбилоска вечерва своите дела ќе ги претстави и пред љубителите на сликарството во Скопје. Средбата со нејзините дела ќе се случи во галеријата на Кинотеката на Македонија, со почеток во 20 часот. Станува збор за две сосема различни изложби на кои Билбиловска работела за време на неколкумесечниот карантин и во текот на минатата година. Во Тетово таа се претстави со циклус од петнаесетина слики, акрил на платно и на картон, обединети со насловот „Неправилен ритам“, а на вечерашната изложба ќе бидат претставени петнаесетина дигитални графики под наслов „Хоризонтала и вертикала“. Работејќи на првиот циклус, таа се инспирирала од музиката. – Не можам да си го замислам денот без музика. Таа се слуша со затворени очи и затоа секоја боја има свое место како тон во музиката. Се смета дека на пример Це-дур е жолта боја итн. Ова е синестетичко истражување што се допира до науката и особено сериозно го истражувал Кандински. Ритамот, акцентот, рамнотежата и хармонијата се елементите што не само што ја движат уметноста во секоја смисла туку го движат и животот. Уметноста не може да раскажува наративно, таа е фреквенција што или ќе ја фатиме или не – вели Билбилоска.
Во дигиталните графики „Хоризонтала и вертикала“, со кои ќе се претстави вечерва, таа се обидува да го поедностави традиционалниот византиски израз и да го осовремени, според некоја нејзина внатрешна мера и според личниот уметнички критериум.

– Овие дела се спој помеѓу византиската уметност и современите уметнички текови во сферата на графиката, како што се графичкиот дизајн и современите алатки за ликовно изразување. Отсекогаш ме инспирирале руските икони, особено оние на Андреј Рубљов. Но исто така одушевена сум од нашата византиска уметност и фрескопис. Особено е значајно што во некои фази од историјата сме успеале на уметнички план да го избегнеме влијанието на неоплатонистите – објаснува Билбилоска.
Во нејзините композиции е присутен и празниот простор, затоа што тоа ја асоцира на тишина.
– Тишината и празниот простор не се мртви, туку многу активни ентитети. И тишината е музика, како што вели Џон Кејџ – дополнува таа.
Во рецензијата за изложбата „Хоризонтала и вертикала“, Никола Пијанманов вели дека „стилизацијата на византиската естетика е доведена до совршенство на минималистичкиот уметнички потег“
– Цртежот е остар и прецизен како напукнат кристал. Но графиките се само навидум црно-бели, колоритот е придушен и раскошен, суптилно скриен во енергијата на формата – додава тој.

Според Мијалко Ѓунисиевиќ, „оваа изложба е еден вид мисија што се обидува да нѐ повика кон повторно исчитување на својата традиција на еден современ и, пред сѐ, оригинален начин“.
Билјана Билбилоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика со графички дизајн, а магистрирала на истата високообразовна институција. Учествувала на голем број групни претставувања во Македонија, Србија, Турција, Романија, Полска, Франција и во САД, а пред осум години имаше самостојна изложба „Просторни декомпозиции“ во галеријата „Безистен“ во Старата скопска чаршија и „Белеење“ во Домот на АРМ. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.