Светот е сцена

Лоцирано делото на Леонардо платено 450 милиони долари

Сликата на Леонардо да Винчи „Спасителот на светот“, која на аукција беше продадена по рекордна цена од 450 милиони долари, веројатно се наоѓа на јахтата на судискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Трговецот со уметнички дела, Кени Скачер, верува дека ја лоцирал сликата што за вртоглава сума е купена пред една година на аукција на „Кристи“ во Њујорк.

Сликата од 1500 година на Да Винчи, на која е прикажан Исус во сина облека како држи кристална кугла и директно гледа во набљудувачите е продадена официјално на непознат купувач, но американските медиуми пишуваа дека ја купил саудискиот престолонаследник преку пријатели и роднини.

Новиот музеј „Лувр“ во Абу Даби соопшти дека планира да ја изложи, не наведувајќи дали е подарена, позајмена или изнајмена. Сепак, оттогаш сликата на која е прикажан Исус не е никаде изложена, што ја доведе под сомнеж и нејзината автентичност. Саудискиот принц никогаш не потврди ниту демантираше дека ја купил сликата.
Колекционерот Скачер на сајтот на „Артнет“ наведе дека делото „Спасителот на светот“ во текот на ноќта со авионот на Мохамед бин Салман е префрлено на неговата јахта. Тој изрази загриженост дека реставрираната слика пронајдена во делови би можела да биде оштетена од солената вода. Скачер верува дека „Спасителот на светот“ ќе остане на море додека Саудиска Арабија не го исполни планот и не ја претвори областа Ал-Ула во место на културата, кое ќе привлекува странски туристи.

Сликата на долгокосиот маж со брада како држи кристална топка во левата рака, а десната ја подига во знак на благослов, во мај 2008 г. стручњаците ја идентификуваа како изгубено ремек-дело на Леонардо да Винчи, настанато во периодот од 1506 до 1513 година. Три години подоцна, реставрираниот портрет на Исус Христос првпат е изложен на историската изложба на Да Винчи во лондонската Национална галерија. Публиката можеше да го види и во Хонгконг, Сан Франциско и во Њујорк.
До денес откритието на непознатата Леонардова слика се чини невозможно, сликарот не бил особено плоден, а од малобројните дела што не се изгубени или уништени денес се зачувани само дваесетина.