Со целовечерен концерт на дувачкиот оркестар на градот Скопје синоќа заврши манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ која на публиката ѝ донесе околу 35 интерсни културни случувања поделени во трите културни институции: Домот на културата „Иван Мазов Климе“, Музеј-галеријата и Библиотеката „Феткин“.

Годинава манифестацијата ја красеше одбележувањето на 90-годишнината од првата театарска претстава во Кавадарци со „Месец на театарот“ со повеќе театарски претстави и гостувања на други театри заедно премиерата на детската претстава „Снежана и седум-те џуџиња“, во режија на Микица Илова и дводневните „Кавадаречки фолклорни средби“ со гостување на ансамблот „Македонија“ и КУД „Јане Сандански“ од Неготино. Носечки столб на фолклорните средби беше ансамблот „Тиквеш“ кој работи при Домот на културата и кој реализира повеќе настапи на своите фолклорни групи од различна возрасна структура.

Покрај бројните ликовни изложби, проекции на филмови и промоции на книги, во рамките на манифестацијата се одржа и 23-то издание на детскиот фестивал „Гроздоберче“ со две вечери пред полната сала во Домот на културата. На денот на културните институции кој беше пропратен со мини саем на книгата од роднокрајни автори и мини етно изложба, им беше дадена можност на младите таленти од областа на прозата, поезијата и музиката со јавен настап да ги покажат своите квалитети. Вистинска атракција на овој ден беше младиот Драган Божинов кој пред публиката демонстрираше сликање со талог од кафе. Најважно од сѐ е дека сите културни настани а најголемиот дел во Домот на културата „Иван мазов Климе“ се одвиваа пред бројна публика и полна сала.

Во рамките на „Кавадаречка културна есен“ се одржа и првиот пробен фестивал на
традиционална музика помеѓу Македонија и Србија под наслов „Срма“ како резултат на добрата културна соработка на збратимените градови Кавадарци и Ковин цели 24 години. Иницијативата е на Основното музичко училиште „Лазо Мицев Рале“ од Кавадарци и Центарот за култура на Ковин кои предвидуваат првото издание на фестивалот официјално да се случи наредната година во Кавадарци на празникот Св. Трифун а во ноември во Ковин, Србија.

Ми.М.