Со изложбата „Без простор“ се затвора осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ во организација на „Тиииит! Инк“ – Скопје. Фестивалот ќе се затвори симболично со отворање на изложбата „Без простор” на уметницата Селма Селман в недела, 23 август во 20 часот во Музејот на современа уметност во Скопје.

Изложбата „Без простор” ја проблематизира особено деликатната и секогаш присутна тема на просторот: личен, колективен, телесен, ментален, емотивен, политички, женски, нерационален, креативен, реален, внатрешен, простор за емпатија, простор на преиспитување и преживување. Творештвото на Селман се карактеризира со интимност, јасност и моќност, а овие карактеристики се и принципите според кои е поставена и изложбата „Без простор” во Музејот на современа уметност во Скопје. Селма Селман (1991, Бихаќ, БиХ) е уметница со ромско потекло која живее и работи во Босна и Херцеговина, во САД и низ Европа. Главна цел на нејзините дела е да ги заштити женските тела и да им овозможи сеопфатен пристап до самоеманципација на опресираните жени. Досега изложувала на 58то Венециско биенале на уметноста, Италија (2019), во музејот Queens во Њујорк, САД (2019), на 3тиот Берлински есенски салон во театарот Maxim Gorki, Германија (2017); Kunstquartier Bethanien во Берлин, Германија (2016) и др. “БЕЗ ПРОСТОР” е прва изложба на Селма Селман во Скопје и во МСУ ќе остане отворена до 29 август.

На официјалното затворање на фестивалот свое обраќање ќе има претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, зашто „Прво па женско“ е отворена платформа каде феминистичките вредности и дебати се водат со сите актери во општеството без исклучоци, сѐ со цел подобрување на состојбата на женските права и родовите политики.

По отворањето на изложбата на Селма Селман, следи диџеј сет на Дискордиа.